Виталиа донира опрема за учениците со попречен вид од ДСУРЦ „Димитар Влахов“

Точка

06/03/2026

11:44

390

Големина на фонт

а а а

Кога децата трчаат заедно, тие не го слават само спортот – тие ја градат и солидарноста.

Токму од оваа идеја произлезе и донацијата на Виталиа за учениците со попречен вид од Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов“


Со средствата собрани од учесниците на Детската трка, компанијата обезбеди опрема и асистивни технологии кои ќе им помогнат на овие ученици полесно да учат, да се развиваат и да бидат дел од современиот образовен процес.

 

Донацијата опфаќа компјутерска опрема, лаптоп и специјализирани софтвери за подготовка и печатење материјали на Брајово писмо, како и низа асистивни помагала кои им овозможуваат на учениците поголема самостојност во секојдневните активности и во процесот на учење. Меѓу донираната опрема се наоѓаат уреди за препознавање бои, звучни помагала, тактилни едукативни алатки и други технологии кои ја прават информацијата подостапна, а знаењето поблиску до секое дете.

Како дел од донацијата, во училиштето е опремен и простор за игра и дружење – соба во која децата ќе можат да поминуваат време попладне, да се дружат и да учат преку игра. Просторот е збогатен со адаптирани тактилни игри како шах, „Не лути се човече“, отело и мелница, изработени со релјефни и Брајови ознаки, кои придонесуваат за развој на фината моторика, логичкото размислување и социјалната интеракција.

„Детската трка за нас е многу повеќе од спортски настан. Таа е симбол на енергијата, радоста и потенцијалот што го носат децата. Особено ни значи што средствата собрани од овој настан се претвораат во конкретна поддршка за децата на кои таа најмногу им е потребна. Веруваме дека секое дете заслужува еднакви можности да учи, да се развива и да го достигне својот потенцијал“, истакнуваат од компанијата.

Од ДСУРЦ „Димитар Влахов“ изразуваат голема благодарност за донацијата, посочувајќи дека новата опрема значително ќе ја унапреди нивната работа и ќе овозможи поголема достапност до знаење и информации за учениците со попречен вид.

Со ваквите иницијативи, Виталиа продолжува да ја потврдува својата посветеност кон заедницата, покажувајќи дека вистинската вредност на една компанија се мери не само со производите што ги создава, туку и со грижата и поддршката што ја дава таму каде што е најпотребна.