„Волстрит журнал“: Русија е најголемиот добитник од американскиот конфликт со Иран

Макфакс

05/03/2026

17:24

379

Големина на фонт

а а а

Русија е меѓу најголемите добитници во првите денови од американската воена операција против Иран, пишува „Волстрит журнал“.

Според весникот, иранските ракетни напади брзо ги трошат залихите на пресретнувачки ракети за системот „Патриот“, кои се клучни и за противвоздушната одбрана на Украина.

САД и земјите од Заливот во првите денови од конфликтот испукале стотици ракети-пресретнувачи за да ги соборат иранските балистички ракети и дронови. Аналитичарите проценуваат дека, доколку нападите продолжат со ист интензитет, дел од залихите би можеле да се исцрпат за само неколку дена.

Според американскиот генерал Дан Кејн, Иран од почетокот на операцијата лансирал повеќе од 500 балистички ракети и околу 2000 дронови.

„Волстрит журнал“ наведува дека американската компанија „Локхид Мартин“ во 2025 година произвела нешто повеќе од 600 пресретнувачки ракети PAC-3, а за соборување на една балистичка ракета обично се користат најмалку две.

Украина проценува дека ѝ се потребни најмалку 60 вакви ракети месечно за да се справи со руските напади. Но, според написот, европските членки на НАТО досега ветиле само пет ракети, и тоа од Германија.

Весникот наведува и дека Русија во моментов може да произведува околу 80 балистички ракети месечно, додека истовремено масовно користи дронови од типот „Шахед“, чија технологија ја добила од Иран.