Тренчевска: Трагедијата во Карпош е аларм, одговорност од Тошковски мора да има

Макфакс

04/03/2026

14:49

128

Големина на фонт

а а а

Со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност, дури и кога пријавата е повлечена, нагласи на денешната прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, а во однос на трагедијата во скопската населба Карпош. Тренчевска посочи дека непостапувањето на институциите согласно законските обврски довело до трагични последици.

„Со измените на Кривичниот законик насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност. Дури и кога пријавата е повлечена. И не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето на жртвата. Полицијата е обврзана да постапува и согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, рече Тренчевска.

Тренчевска посочи дека загрижувачки е фактот што жртвата две години пријавувала семејно, физичко и психичко насилство, имало 12 пријави за сопругот кој имал и други обвиненија и пријави, меѓу кои и за дрога. Институциите имале сознанија и било пријавувано, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите.

„Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР. Потфрлија центрите за социјална работа. Потфрли целиот институционален систем. Формалното постапување, игнорирањето на законските обврски и непостоењето на навремена реакција доведоа до најстрашниот исход – трагична смрт на мајка и дете“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека ова не е изолиран случај и потсети дека пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, која исто така пријавувала насилство, а институциите повторно не реагирале навреме.

„Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи поради родово базирано и семејно насилство. Ова е аларм за ресет на целиот систем и повик дека одговорност мора да има“, рече Тренчевска.

На прес-конференцијата, Тренчевска повика МВР да спроведе темелна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица – во МВР, центрите за социјална работа и во сите институции кои потфрлиле, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да си поднесе оставка.