Мицкоски ги предложи Адмир Шабани и Дритон Сулејмани за заменици – министри во Одбрана и Образование

Макфакс

04/03/2026

15:49

131

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска ги предложи Адмир Шабани за заменик-министер во Министерството за одбрана и Дритон Сулејмани за заменик-министер во Министерството за образование и наука.

„Денес пред вас стојам со предлог за избор на двајца заменици министри, решение кое не е само кадровска одлука, туку дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите, на враќање на довербата во државата и на градење систем кој работи во интерес на граѓаните, рече премиерот од собраниската говорница.

Нашата обврска како Влада, додаде тој, е да поставиме луѓе кои имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност.

„Предлагам за заменик-министер во Министерството за одбрана да биде избран Адмир Шабани. Министерството за одбрана е столб на националната безбедност и на нашата меѓународна позиција како држава членка на НАТО. Во време на сериозни безбедносни предизвици, во време кога светот се соочува со нови ризици и нестабилности, нашата држава мора да има институции кои се силни, професионални и подготвени да одговорат на секој предизвик. Нашата Армија е гордост на државата. Таа е симбол на стабилноста, на професионализмот и на нашата евроатлантска определба. Затоа е важно во Министерството за одбрана да работат луѓе кои ќе придонесат за понатамошна модернизација на одбранбениот систем, за зајакнување на институционалниот капацитет и за продлабочување на соработката со нашите сојузници. Убеден сум дека Адмир Шабани ќе даде значаен придонес во таа мисија“, рече Мицкоски.

Истовремено, додаде тој, предлагам за заменик-министер во Министерството за образование и наука да биде избран Дритон Сулејмани.

„Образованието е темелот врз кој се гради иднината на секоја нација. Држава која инвестира во образование инвестира во сопствената иднина. Затоа реформите во образованието, модернизацијата на системот и создавањето услови за квалитетно образование за сите млади луѓе се врвен приоритет на оваа Влада. Нашата цел е јасна, образование кое создава знаење, кое развива критичко размислување, кое ги подготвува младите за современиот свет и кое ја прави Македонија конкурентна и развиена држава. Верувам дека Дритон Сулејмани со својата работа, енергија и посветеност ќе придонесе кон унапредување на образовниот систем и кон спроведување на реформите кои им се потребни на учениците, студентите и наставниот кадар“, рече Мицкоски.