Министерството за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои го загубија животот во трагичниот настан.
Од Министерството информираат дека, согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, веднаш бил извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата.
Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат била евидентирана во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд во врска со постапка за развод на брак.
Во однос на пријавено насилство, од Министерството наведуваат дека допис од Министерството за внатрешни работи бил примен и заведен во Центарот на 2 февруари 2026 година, а се однесувал на настан од 19 декември 2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.
„Министерството има јасен и недвосмислен став: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено, а одговорност мора да има согласно закон“, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и дека нема да дозволат институционални слабости да останат неадресирани.
Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување Министерството најавува дека транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки, како и дека будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита.








