Супербогатите елитни поединци и високи раководители на глобални компании плаќаат до 290.000 евра за приватни летови и теренски услуги за бегство од Блискиот Исток, поради ескалацијата на конфликтот со Иран.
Приватните безбедносни компании сега резервираат флоти од теренски возила за транспорт на евакуираните од Дубаи до Ријад, а потоа ги пренесуваат со приватни авиони, објави „Дејли Меил“.
Цената на приватен лет од Ријад до Европа достигнува до 350.000 долари, додека Саудиска Арабија стана клучна точка за излез од регионот откако иранските напади ги погодија ОАЕ, Катар, Бахреин и други земји.
Меѓу оние што бегаат се богати личности, бизнис лидери и менаџери на глобални финансиски компании, кои се нашле во опасна ситуација за време на одмори или службени патувања во регионот, според написите.
Ријад стана најважната точка за евакуација бидејќи аеродромот во главниот град на Саудиска Арабија е еден од ретките што сè уште функционира, додека другите аеродроми се затворени поради конфликтот.
Иако Саудиска Арабија не беше директно погодена од нападите за време на последниот бран на ескалација, ситуацијата брзо се менува.
Во вторник, најголемата рафинерија за нафта во светот, Рас Танура, беше погодена од ирански дрон, во она што се смета за значајна ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Нападот го зголемува ризикот за саудиската енергетска инфраструктура, која беше цел на слични напади во минатото.
Нападот врз Рас Танур следеше по нападите од минатиот викенд од ирански ракети и беспилотни летала што ги погодија богатите делови од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Абу Даби, Дубаи, Катар и Бахреин, кои досега се сметаа за безбедни.








