Кипарските власти издадоа предупредување за вонредни ситуации до своите граѓани и препорака секој да спакува „ранец за итни случаи“.
„Како превентивна мерка, направете си сопствен ранец за итни случаи со основни производи, кои лесно можете да ги транспортирате до засолништето, во случај надлежните органи да дадат соодветни упатства“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Кипар.
На својот официјален Икс профил, Министерството објави и фотографии, кои детално опишуваат што треба да содржи „ранецот за итни случаи“.
Меѓу неопходните потреби се: вода, пари, производи за лична хигиена, топла облека, конзервирана храна, фенерче, лекови, прва помош, батерии и powerbank, свирче, преносливо радио, како и швајцарски нож.
Меѓу препораките, се наведува дека во ранецот треба да се спакува заштитна хируршка маска.
Кипарските власти изјавија дека Франција ќе испрати воен брод на Кипар за да помогне во зајакнувањето на одбраната на земјата од беспилотни летала откако беспилотно летало ја погоди британската воена база во Акротири на Кипар.
Медиумите потстеуваат дека во изминатите неколку дена имаше неколку напади врз британската воена база Акротири, кој се наоѓа на Кипар.
Еден дрон успеа да ја погоди базата и предизвика мала штета.
Вчера, борбени авиони пресретнаа најмалку два дрона кои ја таргетираа базата. Во еден момент, Меѓународниот аеродром Пафос беше целосно затворен поради опасноста, а на граѓаните што живеат во селата околу Акротири им беше советувано да не ги напуштаат своите домови.
Исто така, во вторник наутро, во базата беше огласен аларм, но по десет минути предупредувањето беше откажано.








