Цените на природниот гас во Европа нагло пораснаа по ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, што предизвика страв од нарушување на снабдувањето. Терминските договори за гас скокнаа за дури 36 проценти, на речиси 58 евра за мегават-час, достигнувајќи највисоко ниво од јануари 2023 година, по што се стабилизираа на околу 54 евра.
Овој раст уследи откако цените и претходниот ден се зголемија за речиси 35 проценти, објави „Трејдинг економикс“.
Главниот двигател на растот е информацијата дека катарската државна компанија „КатарЕнерџи“ вчера го прекинала производството на течен природен гас (LNG). Одлуката следела по напад со ирански дронови врз клучните постројки Рас Лафан и Месаид, кои заедно сочинуваат околу една петтина од вкупното светско производство на LNG.
Се проценува дека овој прекин може да загрози околу 15 проценти од европскиот увоз на течен гас, што би ја намалило глобалната понуда и значително би ја засилило конкуренцијата за алтернативни извори на енергија.
Дополнителен притисок создава и потегот на Иран, кој го блокирал сообраќајот низ Ормускиот теснец, со што дополнително се ограничува извозот и од други големи производители од Блискиот Исток.
Овие ризици доаѓаат во неповолен момент за Европската Унија, чии складишта за гас се на ниско ниво. Пополнетоста моментално изнесува 31 процент, што е значително помалку во споредба со 40 проценти во истиот период лани.








