Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани

Макфакс

03/03/2026

09:13

187

Големина на фонт

а а а

Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.

Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).

Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.

Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.

Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.

„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.

Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.

Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.

Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.