Договорите за корупција треба да бидат многу поскапи, потешки и понеисплатливи – антикорупционерите со обука за полицајците

Макфакс

02/03/2026

14:54

148

Големина на фонт

а а а

Регионалната иницијатива против корупција (РАИ) денес во Скопје организираше обука за претставници на полицијата и Министерството за внатрешни работи за проценка на ризикот од корупција и проверка на законодавството за спречување на корупција.

Претседателот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Адем Чучуљ вели дека ќе настојуваат да најдат системски решенија против корупција и во секторот животна средина.

„Исклучително ни е драго што со нашите партнери од РАИ сме дел од овој проект кој опфаќа значајна системска активност за детектирање ризици од корупција во две значајни области, тоа се внатрешни работи и животната средина и исто така антикорупциска проверка на легислативата во овие две области. Целта е системски во овие области да се детектираат соодветните проблеми и да се изнајдат механизми за нивно надминување односно преку системски решенија да ја спречиме корупцијата во овие две области“, рече претседателот на ДКСК, Чучуљ.

Директорот на РАИ, Алберт Хани вели дека по секторите култура и образование, на кои веќе работеле, сега на ред се безбедноста и животната средина кои се идентификувани како ранливи кај нас, а тие се тука да помогнат на државата да развие механизми за справување со корупцијата.

„ Механизми постојат, затоа и постоиме ние, да им помогнеме на државите да развијат механизми со кои ќе се справуваат со корупцијата, механизми кои ќе значат едноставно да се креира состојба во која договорите за корупција ќе бидат многу поскапи, многу потешки, многу понеисплатливи и секако ненаградувачки договори“, рече директорот Хани.

Претседателот на ДКСК, Чучуљ, кажа дека во завршна фаза е носењето на новата национална стратегија за спречување корупција во која се детектирани ризици во седум сектори меѓу кои е и животната средина. Од новата стратегија тој очекува да биде поприменлива, да го зголеми надзорот, но и да детектира одговорност за нејзина непримена. Стратегијата треба да боде донесена до крајот на овој месец.