Инвертер клими за ранливи домаќинства - објавен јавен повик до сите компании да се вклучат во борбата против енергетската сиромаштија

Макфакс

02/03/2026

13:50

236

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Јавниот оглас за пријавување на интерес од страна на правни субјекти кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.

Основната цел на јавниот повик е обезбедување директна поддршка за домаќинствата кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување потврда-ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.

Со програмата е предвидено секое домаќинство кое ќе добие ваучер да може да набави и инсталира високоефикасен инвертер клима уред во вредност до 28.000 денари со вклучен ДДВ, кај компании кои ќе склучат договор со Министерството по спроведување на јавниот оглас.

Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, а избраните компании ќе имаат обврска да обезбедат уреди со најмалку енергетска класа А+, нивна монтажа на адресата на корисникот, како и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.

Министерството ги повикува сите заинтересирани компании активно да се вклучат во реализацијата на програмата и да придонесат кон нејзино успешно спроведување.

Оваа мерка претставува конкретен чекор во намалување на енергетската сиромаштија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата, обезбедувајќи поекономично и поодржливо греење за граѓаните кои имаат најголема потреба од поддршка.

Јавниот оглас, условите за пријавување и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-prijavuvanje-subjekti-koi-vrsat-trgovija-na-visokoefikasni-inverter-klima-uredi.

По завршувањето на постапката по јавниот оглас и по објавувањето на листата на компании со кои Министерството ќе склучи договор, истовремено ќе бидат објавени и списоците на лицата кои се стекнале со право на користење на оваа субвенција. Со тоа ќе се создадат услови веднаш да започне процесот на доделување ваучери и набавка и инсталација на високоефикасните инвертер клима уреди, без дополнителни административни одложувања, со цел навремена и ефикасна реализација на мерката во интерес на граѓаните.