Јусејн Болт и денес ја носи титулата најбрз човек на светот, но го именуваше спринтерот за кој верувал дека можел да го победи во неговиот најсилен период. Иако звучи речиси неверојатно дека некој можел да биде побрз од Болт, славниот Јамајчанец бил убеден дека еден од неговите најголеми ривали, сонародникот Асафа Пауел, бил способен за таков подвиг, пишува „GiveMeSport“.
Најголемиот ривал на Болт
Пред доминацијата на Болт, токму Пауел беше светски рекордер на 100 метри. Неговото време од 9,74 секунди, поставено во 2007 година, се задржа на врвот околу осум месеци. Потоа Болт го надмина за две стотинки, а на Олимписките игри во Пекинг 2008 година го постави прочуениот рекорд од 9,69 секунди. Подоцна својот резултат го спушти на 9,58 секунди – време што и денес важи за најбрз спринт на 100 метри во историјата.
Во интервју за „Guardian“, Пауел откри детали од разговорите што ги водел со Болт, вклучувајќи и моментот кога го добил еден од најголемите комплименти во животот. „Мислам дека сум единствената личност на светот што некогаш вистински го исплашила. Тоа ми го повторуваше со години. Од него ја извлекувам вистината кога ќе испие некоја чаша. Малку ќе се опушти па ќе каже: ’Асафа, ти си единствениот човек на светот за кој мислам дека може да ме победи‘“, раскажа Пауел.

Тој додаде дека Болт тоа првпат му го рекол во 2008 година, непосредно пред Олимписките игри. „Тогаш истрча 9,72. Ми рече: ’Ти си единствениот човек на светот за кој мислам дека може да ме победи.‘ Во себе си помислив: ’Го знам тоа‘, но знаете, навистина многу го почитувам, а и тој мене. Тоа што ми пријде и призна дека сум го мотивирал да почне да се натпреварува на 100 метри и дека ме цени исклучително – тоа постојано ми го повторува – за мене е огромна работа“, изјави Пауел.
Кариера без поединечен олимписки медал
Пауел се смета за еден од великаните на атлетиката, со бројни медали од светски првенства. Сепак, и покрај сите успеси, се чинеше дека на Олимписките игри го следеше несреќа. Без разлика дали поради повреди во погрешен момент или послаби настапи во финалињата, никогаш не успеа да освои поединечен олимписки медал. Беше дел од јамајканската штафета 4×100 метри што освои злато во 2016 година, како и од тимот во 2008 година, иако тој медал подоцна им беше одземен поради позитивен допинг-тест на еден од членовите на екипата.

Среќата можеби не секогаш била на страната на Пауел во трката за најголемата спортска награда, но ќе му остане комплимент каков што малкумина можат да замислат – дека најголемиот спринтер на сите времиња го сметал за единствениот човек што можел да го победи. Со сите достигнувања во кариерата, тие зборови несомнено се меѓу највредните признанија што можел да ги добие.








