Остатоците на бродот "SS Thistlegorm", сместени на дното на Црвеното Море покрај брегот на Египет, денес претставуваат една од најпознатите нуркачки локации во светот и единствен подводен музеј од Втората светска војна.
Овој вооружен товарен брод, долг 126 метри, потонал во 1941 година за време на своето четврто патување, додека превезувал воени резерви кон Александрија. Кобниот момент се случил кога германски бомбардери го забележале закотвениот брод и фрлиле две бомби.
Нападот предизвикал палење на муницијата и катастрофална експлозија што буквално го преполовила пловилото. Силата на ударот била толкава што две локомотиви биле оттурнати повеќе од 30 метри од остатокот од трупот, а бродот, според сведоштвата на очевидци, исчезнал под површината за помалку од една минута. (Робусните товарни локомотиви од класата "LMS Stanier Class 8 F" биле клучни за транспорт на резерви и трупи за време на Втората светска војна.)
Предизвикувачка локација
Во трагедијата животот го загубиле девет мажи на возраст од 17 до 68 години, додека преостанатите 41 член на екипажот биле спасени од блискиот брод "HMS Carlisle". Иако истражувачот Жак Кусто го пронашол бродоломот уште во 1950-тите, неговата точна локација ја чувал во тајност, па дури од 1990-тите станала достапна за рекреативни нуркачи, пренесува "Discover Wildlife".
Она што го прави "Thistlegorm" легендарен е неговиот зачуван товар, кој вклучува мотоцикли "BSA", камиони "Bedford", оружје и гумени чизми. Во текот на изминатите 80 години, металната конструкција се претворила во вештачки гребен покриен со корали и сунѓери, обезбедувајќи засолниште за морски желки, баракуди и грабливи риби како „риба-крокодил“ (Papilloculiceps longiceps).
Поради длабочината од околу 30 метри и сложеноста на локацијата, нуркачите мора да имаат најмалку 20 евидентирани нуркања за да го посетат бродот. Сепак, забот на времето и масовниот туризам си го земаат својот данок. Корозијата во солената вода, неправилното врзување на бродови и неодговорните посетители кои допираат или земаат делови од бродот го забрзуваат пропаѓањето на историските остатоци.
Со цел да се зачува ова историско наследство, експертите од „The Thistlegorm Project“ спровеле обемно снимање на теренот. Користејќи техника на 3D фотограметрија, нуркачите поминале повеќе од 13 часа под вода и направиле над 24.000 фотографии, вклучувајќи 884 снимки од самата кабина на капетанот.
Со спојување на тие слики е создадена детална 3D мапа која овозможува прецизно следење на состојбата на бродот. Со овие напори научниците сакаат да ја подигнат свеста за важноста од заштита на бродоломот, за таа да остане зачувана и за идните генерации.








