Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер

Макфакс

27/02/2026

13:29

133

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.

На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.

Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.

Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови.