Вокалистката на „ДНК“ сведочеше за пожарот во Кочани: „Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење – нѝ помогна едно момче држејќи нè будни“

Точка

25/02/2026

13:32

1.032

Големина на фонт

а а а

Денеска продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека Пулс, со сведочење на неколку сведоци на предлог на Јавното обвинителство. Меѓу нив беше и Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК, која ја преживеа кобната трагедија во која загинаа нејзините колеги и пријатели од бендот, меѓу 63-те лица што го загубија животот таа вечер.

Во своето сведочење, Костадиновска појасни дека не била постојан член на бендот, туку соработувала со нив по потреба, исто како и нејзината колешка и блиска пријателка Сара Пројковска, која го загуби животот.

Таа вечер, на 15 март 2025 година, пристигнале со автомобил во Кочани. Во посебна просторија во дискотеката, која се користела како канцеларија, таа и Сара се подготвувале за настапот што започнал по полноќ, откако претходно сите членови одржале тонска проба.

Ана истакна дека на ниту еден претходен настап не видела кој бил задолжен за поставување на прскалките на сцената, како и дека тие со години се користеле на повеќе настапи без да настане каков било проблем. Таа објасни дека ја изведувале песната „Што сака нека биде“ и на самиот рефрен се вклучиле прскалките.


„Ништо не беше неочекувано, на оваа песна секогаш се палат. Инстинктивно погледнав нагоре бидејќи почувствував топлина. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира“, изјави таа.

Во врска со техничката екипа, Костадиновска изјави дека улогата на Мартин Атанасовски била да се грижи за техниката. На повеќекратни прашања од Обвинителството и од одбраната за тоа кој ги поставувал и кој ги активирал прскалките, таа остана на ставот дека не знае и не видела кој ги вклучувал, посочувајќи дека е можно тоа да го правело и техничко лице од клубот.

Костадиновска потврди дека во последните четири-пет години ДНК често настапувале во државата и дека во последните години на настапите се користеле прскалки, но без претходни инциденти. Опишувајќи го доаѓањето во Кочани, наведе дека патувале со автомобил, при што возач бил Андреја Ѓорѓиевски, а сопатници биле Игор Велков (тонец), таа и Сара Пројковска.

„Мислам дека Панчо дојде со својот автомобил. Ние секогаш доаѓавме порано за да ја одработиме тонската проба, а Панчо доаѓаше подоцна“, изјави Костадиновска.

Во однос на почетокот на настапот, сведокот рече дека концертот започнал околу еден и пол по полноќ и дека не може да каже точен број на присутни, но дека дискотеката била полна.


На прашањето дали видела некој да употреби противпожарен апарат, одговори дека „мисли дека газдата донел ПП-апарат и му го дал на Панчо“, но дека таа веќе била на излезот.

„Лично не видов повеќе никој од бендот. Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис, што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче, кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух, што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов“, рече сведокот.

На прашањето дали се сеќава на лицето што ѝ помогнало, Костадиновска рече дека не се сеќава, но подоцна дознала дека станува збор за момче од Виница, кое спасило повеќе лица. Таа посочи дека и денес чувствува последици од повредите. По згрижувањето во болницата во Кочани, како што наведе, пријателка од Скопје ја однела во главниот град, каде што била хоспитализирана во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ два дена.

„Коленото ми беше набиено навнатре и сè уште имам болки. Имав изгореници на лицето, веројатно од високата температура во клубот, како и траги како од цигара“, рече Костадиновска, нагласувајќи дека веста за загубата на блиските сè уште не ја прифатила во целост.

Во вкрстеното испитување, бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, ја потсети на нејзиниот исказ во Обвинителството, особено во делот за вратата, која, според претходната изјава, била заклучена со катанец, како и за наводното присуство на полиција. Судот не го дозволи прашањето со образложение дека сведокот пред судот не посочила дека полицијата влегла и вршела легитимирање, пренесува „Слободен печат“.