Русија го истражува основачот на Телеграм, Павел Дуров, како дел од кривична постапка за „помагање на терористички активности“, објави државниот весник „Росијскаја газета“, повикувајќи се на Федералната служба за безбедност (ФСБ). Дуров сè уште не го коментирал извештајот, но Телеграм во последните денови отфрли низа обвинувања од Русија дека апликацијата е рај за криминални активности и дека е компромитирана од западните и украинските разузнавачки служби, објави „Ројтерс“.
„Дејствијата на шефот на Телеграм, П. Дуров, се предмет на кривична истрага според член 205.1, став 1.1 од Кривичниот законик на Русија, што се однесува на помагање на терористички активности“, се вели во статијата на „Росијскаја газета“, за која се вели дека е „заснована на материјали од руската ФСБ“.
Телеграм, кој има повеќе од милијарда активни корисници низ целиот свет, не одговори веднаш на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Рускиот државен регулатор за комуникации претходно воведе ограничувања за Телеграм, кој е исклучително популарен во Русија за јавни и приватни комуникации, наведувајќи го неуспехот на компанијата да отстрани екстремистичка содржина.
Во исто време, Москва се обидува да ги охрабри Русите да се префрлат на државната апликација MAX, која беше лансирана пред речиси една година.








