Киев: Нова рунда мировни преговори би можела да се одржи до крајот на неделата

Макфакс

23/02/2026

17:34

144

Големина на фонт

а а а

Нова рунда разговори за завршување на војната во Украина би можела да се одржи до крајот на оваа недела, изјави денес за украинските медиуми Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател.

Украина, Русија и САД одржаа неколку рунди разговори во Абу Даби и Женева, додека Вашингтон се стреми да ја заврши војната што започна со руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

„Мислам дека до крајот на неделата, оваа недела“, им рече Андриј Јермак на новинарите кога беше прашан кога ќе се одржи новата рунда разговори.

„Не е тајна дека преговорите не се лесни, но дефинитивно има некои случувања и се приближуваме кон моментот кога сите страни ќе мора да донесат конечни одлуки, дали да ја продолжат оваа војна или да се движат кон мир“, рече Јермак, според соопштението од Кабинетот на претседателот.

Јермак, исто така, рече дека следната размена на затвореници меѓу Русија и Украина би можела да се случи оваа недела и дека би можела да биде поголема од претходната, кога земјите разменија по 157 воени затвореници. Сепак, тој не даде точен број.

Кога новинарите го прашаа за однесувањето на Русија во преговорите, Јермак рече дека тоа било „воздржано, учтиво и професионално“.

„Тие се однесуваат сосема дипломатски коректно, исто така на сите им е јасно дека имаме различни позиции“, рече Јермак.

Тој кажа дека Украина прави сè за да организира состанок меѓу претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, но дека тоа е малку веројатно во овој момент.