Од Струмица и Скопје, преку Свети Николе: под истрага шест лица за транспортот на осум тони марихиуана што заврши во Србија

Макфакс

20/02/2026

15:53

365

Големина на фонт

а а а

Обвинителсството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест лица за неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, во случајов со марихуаната.

Оттука велат дека истрагата се темели на докази обезбедени од Министерството за внатрешни работи, како и на документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија, добиена преку меѓународна правна помош.

Според наредбата, осомничените во период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на кокаин и марихуана. Секој од нив имал јасно утврдена улога во преземањето, држењето и транспортот на дрогата.

Двајца од осомничените, против кои постапка води и српското обвинителство, во договор со првоосомничениот – сопственик на правно лице од Скопје – организирале набавка и повеќекратен транспорт на марихуана од Северна Македонија кон Србија, со товарни возила, заради понатамошна продажба.

Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на вработени да спакуваат 8.832 килограми сув цвет од канабис, набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели биле спакувани над 200 кутии, по што вработените биле испратени на колективен одмор.

„На 13.01.2026 година, во пладневните часови, двајцата ортаци (едниот осомничен во РСМ, а другиот во РС), организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврати пренесени до наведената локација. Во исто време, во атарот на селото Сарамзалино, останатите петмина осомничени на паркинг простор кај локалната црква во селото извршиле претовар на царинета стока од товарно моторно возило со приклучно возило, во друго товарно моторно возило. Потоа, осомничените заминале за Свети Николе каде во испразнетото товарно возило биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис. По извршениот утовар, осомничените на кои претходно им беше определен краткотраен притвор со товарното моторно возило и приклучното возило, заедно со уште тројца осомничени со ПМВ, се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата“, соопшти Обвинителството.

Следниот ден, на 14 јануари во 03:41 часот, товарното возило се исклучило од автопатот и се упатило кон селото Коњух во Србија, каде кутиите со марихуана биле растоварени во објект на правно лице од Крушевац, обезбеден од лица против кои српското обвинителство води истрага.

Јавниот обвинител оцени дека постојат околности што упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство, па на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да донесе решение со кое спрема двајцата осомничени на кои им беше определен краткотраен притвор да биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.