Сара Кнафо, европратеничка од партијата „Реконкет“ (Reconquête) и советничка на Ерик Земур брзо гради профил на нова ѕвезда на француската десница.
Нејзината кандидатура за градоначалничка на Париз во март 2026 година веќе привлекува големо внимание. Ако ја задржи поддршката од околу 10-12% (според најновите анкети на Cluster17 и други) ќе стане првата крајно десничарска кандидатка која влегува во втор круг во Париз, градот кој традиционално ја одбива екстремната десница. Кнафо ја одбива етикетата „крајна десница“, нарекувајќи ја „глупава и застарена“.
Наместо тоа, се претставува како голистичка конзервативка која би владеела со референдуми во швајцарски стил. Но, нејзината поврзаност со Земур и партијата „Реконкет“, која на изборите во 2022 година се залагаше за масовна ремиграција, забрана за носење хиџаб, изградба на минариња и големи џамии, ја прави таа етикета тешка за избегнување. Земур ја популаризирал теоријата на „голема замена“ и ѝ го дал името на партијата според шпанската Реконквиста, симболот на протерувањето на муслиманите од средновековна Шпанија.

Во рамки на кампањата за Париз, Кнафо го ублажила тонот во врска со миграцијата, фокусирајќи се на локални прашања: намалување на градската управа, укинување на зелените политики на Ан Идалго, враќање на автомобилите на брегот на Сена, драстично зголемување и вооружување на општинската полиција, пишува „Политико“.
И покрај тоа малкумина веруваат дека Кнафо може да победи во разновидниот Париз, но може да ја засили поддршката во богати, конзервативни населби, каде избирачите ги делат ставовите околу миграцијата, но ги одбива „Националниот собир“ на Марин Ле Пен поради протекционизмот и историјата. Инсајдерите шпекулираат дека Кнафо би можела да го замени Земур како претседателска кандидатка на „Реконкет“ (Reconquête) на изборите во 2027 година.
Неколку соговорници на „Политико“ кои сакале да останат анонимни отворено признале: Кнафо е поуспешна политичарка од Земур и многу е потешко да се критикува во споредба со идеолошки набиениот и често поларизациски Ерик Земур. Парламентарецот на „Националниот собир“, Жан Филип Танги јавно ја нарекол „Клеопатра“ – комплимент кој според него алудира на нејзината исклучителна способност како стратег и во манипулирањето со политичкиот терен. Тој прекар набргу се проширил како симбол на нејзината ладнокрвна, амбициозна и медиумски вешта појава. Кнафо има силна биографија. Пораснала во сиромашното предградие Сен–Сен-Дени и дипломирала на елитни училишта, а пред „Реконкет“ работела во конзервативни партии.

Се обидела да поднесе извештај за технолошкиот суверенитет во ЕП, но центристите го блокирале. Сега развива политики како што е укинување на данокот на наследство.
Како што пишувал „Ројтерс“, Кнафо европарламентарката на партијата „Реконкет“ предводена од Ерик Земур сè повеќе го привлекува вниманието на јавноста. Според извештајот на Ројтерс објавен на 15 февруари 2025 година, Кнафо во текот на последните неколку години системски градела врски со кругот на Трамп, позиционирајќи се како природна претставничка на Трамповиот стил на национализам, техно-конзерватизам и анти-естаблишментот во Франција.
Кнафо е родена во париското предградие Ле Павилјон-су-Боа во семејство на сефардски Евреи кои имаат корени од Алжир и Мароко. Нејзините баба и дедо се преселиле во Франција по Шестдневната војна. Дипломирала на престижното „École Nationale d’Administration“ (ENA) кое го посетувал и Емануел Макрон. Му се придружила на Земур за време на неговата неуспешна претседателска кампања во 2022 година, кога освоил само 7 отсто од гласовите.

Клучниот момент била инаугурацијата на Трамп. Кнафо и Земур биле меѓу ретките француски политичари поканети на настанот. Тоа следувало по низа контакти. Имено, како што пренесе Ројтерс, во 2022 година, Трамп преку телефон го советувал Земур да не се откажува и да ги игнорира медиумите. Политичкиот подем на Кнафо започна кога таа се отцепи од другите водечки екстремно десничарски политичари во Франција, особено од Марин Ле Пен. Таа комбинира елементи на националистички вредности со техно-конзервативните принципи што се развиени под Доналд Трамп. Преку својата политичка перспектива, Кнафо се стреми да ги обедини традиционалните европски принципи со модерни иновативни мерки, особено оние што вклучуваат употреба на криптовалути. Нејзината поддршка за деловните интереси и технологијата се разликува од конвенционалните француски политики за социјална помош, а особено го поддржува Маск бидејќи се бори за слобода против цензурата.

Кнафо ги прифаќа криптовалутите надвор од нејзиното политичко претставување. Француската политичарка изрази силна пофалба за биткоинот, сугерирајќи дека на Франција ѝ е потребно поголемо усвојување на Биткоинот. Блокчејн технологиите се клучна тема во нејзиниот план за економски нарушувања, бидејќи таа ги гледа како алатки за замена на сегашните финансиски системи.

Таа го продлабочува своето вклучување во криптовалутите поради нејзините врски со водечки личности од технолошкиот и финансискиот сектор, вклучувајќи го Сејлор и неговата „Мајкро стратеџи“ која направи огромни инвестиции во Биткоин. Кнафо се соочува со сомнежи во нејзината родна Франција, бидејќи нејзиниот пристап базиран на технологија и бизнис се судира со социјалистичката политичка рамка што доминира во националната политика. Таа воспоставува единствена политичка позиција за управување помеѓу националистичките и технолошките движења, демонстрирајќи ја својата лидерска способност како млада политичарка, пишува „Bitget“.















