Куќите им се распаѓаат, повеќето немаат питка вода, а мажите им загинале во војна: „Нема кој да цепи дрва за зима“

Точка

20/02/2026

22:31

1.102

Големина на фонт

а а а

Во рибарското село Седанка, на крајниот исток од Русија, животот е исклучително тежок. Повеќето жители немаат вода, внатрешни тоалети ниту централно греење, и покрај тоа што температурите редовно паѓаат на -10 Целзиусови степени.

Опкружено со тундра и мочуришта, селото е поврзано со окружниот центар само од мај до октомври или со брод или со гасенички возила, а во зима исклучиво со моторни санки или хеликоптер. Работа речиси и да нема, жителите преживуваат од риболов и одгледување сопствена храна. Сега селото останало речиси без сиите мажи на возраст од 18 до 55 години бидејќи заминале да се борат во војната во Украина.

„Тоа е срцепарателно, толку многу наши луѓе загинаа“, изјавила Наталија, локална жителка чие име Би-би-си од безбедносни причини го сменил. „Сопругот на сестра ми и моите роднини се на фронтот. Од речиси секое семејство, некој се бори“, додала таа. Седанка се наоѓа на северозападниот раб на полуостровот Камчатка на Охотското Море – повеќе од 7.000 км од украинските фронтовски линии. За споредба, Анкориџ во САД е на околу половина од таа оддалеченост.

Од вкупно 258 жители, 39 мажи потпишале договори со руската војска. Од нив, 12 загинале, а седум се водат како исчезнати. Во март 2024 година, група жени му рекле на регионалниот гувернер за време на посетата: „Сите наши мажи отидоа во специјална воена операција. Нема кој да цепи дрва за зимата за да ги грееме печките“.


Разговорот бил емитуван на државната телевизија. Еден од загинатите бил Владимир Акеев (45) ловец и рибар кој го потпишал договорот во летото 2024 година. Четири месеци подоцна, тој загинал во борба.

Седанка е населена главно со Корјаци и Ителмени, домородни народи кои според воените правила можат да бидат ослободени од мобилизација. Активистката која се спротивставува на војната, Марија Вјушкова, истакнала дека државната телевизија ги зајакнува стереотипите за домородните заедници како „родени воини“ и вешти стрелци со цел да ги мотивира за војна. „Многу домородни заедници се горди на ова наследство како дел од нивниот идентитет. Кремљ ја користи оваа гордост за регрутирање за војна“ истакнала Вјушкова.

Би-би-си заедно со Медизон и волонтерите ги потврдил имињата на 186.102 загинати суски војници. Само во 2025 биле потврдени 40.201 смртен случај, а процената е дека годината ќе заврши со 80.000 загинати, што ќе биде најсмртоносната година од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година. За 2024 година потврдени се 69.362 смртни случаи. Експертите сметаат дека анализата покрива 45-65% од реалната бројка, па вкупните руски загуби би можеле да бидат меѓу 286.000 и 413.500 лица.


Од друга страна и Украина претрпела тешки загуби. Претседателот Зеленски минатиот месец за „France 2“ изјавил дека 55.000 Украинци „официјално“ загинале на бојното поле, а голем број се водат како исчезнати. Според процените на Би-би-си вклучувајќи го „UA Losses“ бројот на загинати украински војници би можел да достигне 200.000.

Загубите не се рамномерно распределени. Повеќето од загинатите Руси имаат словенски презимиња, но има диспропорционално високи загуби меѓу малите домородни народи на Сибир и на Далечниот Исток. Потврдените загуби вклучуваат 201 Ненец, 96 Чукчи, 77 Ханти, 30 Корјак и седум Инуити. Како процент од мажите на возраст од 18 до 60 години, ова е околу 2 отсто Чукчи, 1,4 отсто руски Инуити, 1,32 отсто Корјаци и 0,8 отсто Ханти. Анализата покажува дека 67 отсто од загинатите потекнуваат од рурални области и мали градови (под 100.000 жители), иако само 48 отсто од населението живее таму.

Најмалку загуби по глава на жител има Москва – 0,05 отсто. Во посиромашните региони како Бурјатија и Тува стапката е 27 до 33 пати повисока. Војниците од посиромашните региони и етничките малцинства сочинуваат поголем дел од армијата и меѓу загинатите отколку во вкупното население“ објаснил демографот Алексеј Ракша. Друг демограф изјавил за Би-би-си дека „за многумина двигателот не е само сиромаштијата туку и недостигот на перспектива. Чувството дека немаат што за загубат“.


Во Седанка во есента 2024 година бил откриен споменикот на „учесниците во специјалната воена операција“. Регионална власт ветила почесна титула „село на воена храброст“ и програма за поддршка на семејствата. Но, ниту титулата ниту поголемиот дел од помошта не пристигнале. Покривите на четири куќи биле поправени дури по медиумски притисок. Секоја петта куќа од советскиот период е прогласена за небезбедна, а единственото училиште е во тешка состојба, а некои ѕидови се пред уривање. Губењето на работоспособните мажи дополнително ги влошило веќе тешките услови за живот во ова оддалечено село.