Осумнаесет годишната американска уметничка лизгачка, Изабо Левито веќе неколку сезони важи за едно од најелегантните имиња на уметничкото лизгање.
Јуниорската светска шампионка од 2022 година, шампионка на САД од 2023 година и освојувачка на сребрен медал на Светското првенство во 2024 година, препознатлива е по техничката прецизност и обмислен, модно освестен пристап кон настапите.

Еден костим особено ја обележал нејзината сезона 2024/2025: омаж на Одри Хепберн од филмот „Појадок кај Тифани“.
Малиот црн фустан што го освои мразот
За кратката програма на песната „Moon River“, легендарната мелодија од филмот, Левито облекла модерна верзија на малиот црн фустан што Хепберн го носела во воведната сцена на филмот, додека стоела пред излогот на Тифани во раните утрински часови во Њујорк.

Оригиналниот филмски фустан го дизајнирал Хуберт де Живанши, а тој стана еден од најпрепознатливите филмски парчиња на 20-иот век.

Таа естетика Левито ја пренела на мраз со помош на костимографката Лиса Мекинон: црн фустан од растегливо кадифе скроен да ја следи линијата на телото но и да овозможи целосна техничка изведба и пируета.

Додека клучните детали биле внимателно одбрани: повеќеслоен ѓердан од бисери околу вратот, долги црни ракавици преку лактите и низа од бисери што се спуштале низ голиот грб – суптилна референца на отворениот грб на фустанот од филмот.
Со тој костим Левито го освоила својот прв Гран При наслов во сезоната, а костимот брзо станал вирален моден момент меѓу обожавателите на уметничкото лизгање, па многумина посакувале да го задржи и за овогодишните Зимски олимписки игри.


Меѓутоа за Олимписките игри, Левито се решила за нова филмска инспирација: Софија Лорен. Додека Одри го претставува воздржаниот њујоршки гламур на раните шеесетти години, Лорен ја носи медитеранската топлина и понагласена сензуалност.












