Клучните региони каде што се одгледува кафето секоја година доживуваат сè повеќе топли денови предизвикани од климатски промени, што ги намалува приносите и ја зголемува цената.
Температурата над 30 Целзиусови степени е „исклучително штетна“ за растенијата арабика, доминантна сорта која сочинува околу 60-70% од глобалното производство, додека се „субоптимални“ за сортата робуста што сочинува поголем дел од остатокот.

Според анализата на независна истражувачка група, 25-те земји што го произведуваат речиси целото кафе во светот во периодот од 2021 до 2025 година имале просечно 47 дена повеќе топлина што му штети на кафето.

Пет земји што сочинуваат 75 отсто од глобалното производство на кафе, Бразил, Виетнам, Етиопија и Индонезија, имале високи температури 57 дена.

Кристина Дал, потпретседателка за наука во групата „Клајмат Сентрал“, истакнала дека климатските промени претставуваат сериозна закана за производството на кафе.
„Речиси секоја голема земја што произведува кафе сега доживува повеќедневни екстремни горештини што можат да ги оштетат растенијата кафе, да ги намалат приносите и да влијаат на квалитетот. Со текот на времето, овие влијанија можат да се прошират од фармата до потрошувачот, директно влијаејќи на квалитетот и цената на вашето дневно кафе“, објаснила таа.

Според групата, неодамнешното зголемување на цените на кафето низ целиот свет е „барем делумно“ предизвикано од екстремните временски услови во регионите каде што се одгледува кафе, а улога играат и американските царини за увоз од Бразил.












