Линдзи Вон ја погоди нова трагедија, само ден по падот остана без сакан член од семејството

Точка

18/02/2026

22:01

572

Големина на фонт

а а а

Знам дека е горе со Луси и Бер и со мојата мајка и бабите и дедовците, како и со толку многу луѓе што ги изгубив во последните неколку години

Февруари 2026 година веројатно е најтешкиот месец во животот на легендарната скијачка Линдзи Вон. 41-годишната спортистка планираше по вторпат да се прости од професионалното скијање по настапот во спуст и супервелеслалом на Зимските олимписки игри, но нејзиниот олимписки сон беше прекинат уште на трката во спуст.

Вон доживеа тежок пад за време на трката, заврши во болница со скршеница на ногата и досега има извршено четири операции, а се чини дека ја очекува и петта. Како тоа да не беше доволно, скијачката на социјалните мрежи објави дека во истиот период останала и без своeто сакано куче Лео. За ситуацијата да биде уште потешка, Лео угинал на 9 февруари – само еден ден по падот на Линдзи.

„Ова беа неверојатно тешки неколку дена. Веројатно најтешките во мојот живот. Сè уште не сум се помирила со тоа дека го нема … Неодамна му беше дијагностициран рак на белите дробови (пред година и пол преживеа лимфом), но сега срцето го издаде. Имаше болки и телото повеќе не можеше да го следи неговиот силен дух.

Додека лежев во болнички кревет ден по несреќата, се простивме од мојот голем дечко. Изгубив толку многу нешта што ми значеа во толку краток период. Не можам да поверувам. Моето момче беше покрај мене од мојата втора повреда на предниот вкрстен лигамент, кога најмногу ми требаше.

Ме држеше на каучот додека ги гледав Олимписките игри во Сочи. Ме крена кога бев на подот. Лежеше покрај мене и ме прегрнуваше, секогаш правејќи да се чувствувам безбедно и сакано. Поминавме толку многу заедно во 13 години.

Ќе треба време за емоционално да ги обработам работите, но знам дека секогаш ќе биде со мене. Знам дека е горе со Луси и Бер и со мојата мајка и бабите и дедовците, како и со толку многу луѓе што ги изгубив во последните неколку години. Се тешам со мислата дека повеќе не страда“, напиша четирикратната победничка на Светскиот куп на „Instagram“.