Европската комисија ќе ги претстави плановите за инвестирање во регионите на Европската унија кои граничат со Русија, Белорусија и Украина, а кои трпат економски последици од војната.
Намалувањето на инвестициите, падот на товарниот сообраќај и послабиот туризам им зададоа силен удар на најисточните региони на ЕУ, а особено на балтичките држави, Финска и Полска. Стратегијата на Комисијата настојува да ги поттикне меѓународните финансиски институции да обезбедат финансирање на тие региони, но планот не предвидува нови буџетски средства.
„Најбезбедните граници не само што се следат, туку се и живи“, изјави за „Политико“, Нина Ратилаинен, членка на градскиот совет на финскиот Турку и Работната група за Украина при Европскиот комитет на регионите. „Вложувањето во работните места, чистата енергија и образование во пограничните региони на ЕУ ги поставува темелите на вистинска безбедност“.
Ревитализација на ослабените погранични региони
Во Брисел постои загриженост дека депопулацијата на тие најисточни региони би можела да ја ослабе способноста на Европа да ги брани своите граници, изјавил функционер на Комисијата кој сакал да остане анонимен.
Исто така се стравува дека економските тешкотии на населението би можеле да поттикнат поддршка на радикални политички опции на изборите и да ги направи поподложни на руска пропаганда.

Владислав Ортил, гувернер на полскиот регион Подркарпатие, истакнал дека неговата област е „директно погодена од последиците од тековната војна, вклучувајќи го миграцискиот притисок, прекините во сообраќајот и зголеменото оптоварување на јавните услуги и регионалната економија“. Тој додал дека „ескалацијата на геополитичките тензии“ значи дека ЕУ треба да ги пренасочи ресурсите кон „зајакнување на отпорноста“ на своите погранични области.
Еден од приоритетите на планот е ревитализација на економски ослабените погранични региони, или поради недостаток на туризам или поради ризиците поврзани со близината до украинската граница по руската инвазија.
„Безбедноста на Европа започнува на нејзината источна граница“, се вели во нацрт-документот наречен Комуникација за источните погранични региони, во кој имал увид Политико. „Силна, просперитетна и отпорна источна граница е од суштинско значење за заштита на целиот континент“.
Сепак, стратегијата што ќе ја презентира извршниот потпретседател на Комисијата за кохезија, Рафаеле Фито, не вклучува нови средства бидејќи тековниот буџет на ЕУ, кој важи до 2028 година, е веќе преоптоварен, според двајца функционери на Комисијата.
„Она што нѝ треба е директен пристап до фондовите на ЕУ и стратегија што ја одразува денешната ситуација на терен“, рекол Милан Мајерски, гувернер на самоуправниот регион Прешов во Словачка. „Во источна Словачка, секојдневно ги чувствуваме економските, социјалните и безбедносните последици од руската војна. Нашиот БДП по жител е само малку повеќе од 54 проценти од просекот на ЕУ, а војната ги продлабочи долгорочните структурни разлики“, истакнал тој и додал дека се сретнал со Фито минатата недела во Братислава пред презентацијата на планот.
Балтичките држави веќе го насочија своето внимание кон следниот повеќегодишен буџет на ЕУ, за кој земји-членки моментално преговараат. Тие веруваат дека планот на Комисијата ќе ги зајакне нивните барања за обезбедување наменски средства за најисточните региони од 2028 година.
„Очекуваме дека нашите специфики ќе бидат одразени во преговорите“ за новиот долгорочен буџет на ЕУ, изјавил литванскиот министер за Европа, Сигитас Миткус. „Оваа комуникација за источните гранични региони ќе биде жив документ“, додал тој.

Фонд вреден 410 милијарди евра
Според планот на Фито, глобалните финансиски институции ќе бидат вклучени во платформата „EastInvest“, која ќе стапи на сила веднаш за да „одговори на инвестициските потреби“ и да обезбеди финансиска поддршка за овие региони, се вели во нацрт-документот.
Брисел ќе им овозможи на земјите што граничат со Русија и Белорусија – Финска, Полска, Естонија, Латвија и Литванија – да користат дел од средствата од фондовите за регионален развој за да издадат гаранции на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Нордиската инвестициска банка и националните банки за развој за да инвестираат во нивните најисточни региони. Крајната цел е да се обезбедат поволни кредити за компаниите од регионите што граничат со Украина, кои инаку би имале тешкотии да добијат финансирање.
Еден функционер на Комисијата изјавил дека другите земји-членки на ЕУ што граничат со Украина – вклучувајќи ги Романија, Унгарија и Словачка – ќе можат да се приклучат на иницијативата подоцна.
Како делумна отстапка кон балтичките држави, Комисијата наведе дека ќе „разгледа можност за наменски повици за источните гранични региони во рамките на идниот Европски фонд за конкурентност“, вреден 410 милијарди евра, кој од 2028 година ќе ги поддржува иновативните компании во ЕУ. Таквиот потег би бил значаен, бидејќи Комисијата претходно ги отфрли предлозите новиот фонд да се поврзува со географски критериуми.















