Ако сте родени по 1980 година, овој факт за менталното здравје можеби ќе ве загрижи!

Точка

17/02/2026

10:59

755

Големина на фонт

а а а

Ако сте миленијалец или член на генерацијата Зет, нова научна студија носи некои загрижувачки податоци за менталното здравје. Истражувачите предупредуваат дека помладите генерации сè почесто на порана возраст развиваат психотични нарушувања, вклучително и шизофренија, во споредба со постарите генерации.

Според истражување објавено во списанието „Канадска медицинска асоцијација“, зачестеноста на нови случаи на психоза значително се зголемила во последните неколку децении.

Помеѓу 1997 и 2023 година, бројот на нови дијагнози се зголемил за дури 60 отсто кај младите луѓе на возраст од 14 до 20 години.


Научниците наведуваат дека овој тренд почнал да се појавува кај луѓето родени во 1980-тите и подоцна. Во оваа група спаѓаат миленијалците (родени помеѓу 1981 и 1996 година) и генерацијата Зет (родени помеѓу 1997 и 2012 година).

Водачот на истражувањето, д-р Даниел Миран од Општата болница Норт Јорк во Канада, истакнува дека причините сè уште не се целосно разјаснети.

Според неговите зборови, многу е веројатно дека не постои само една причина за овој пораст, туку комбинација од неколку фактори. Разбирањето на позадината на овој тренд е клучно за превенција и навремена помош за младите луѓе.

Во истражувањето било следено менталното здравје на повеќе од 12 милиони луѓе родени во Онтарио помеѓу 1960 и 2009 година. На повеќе од 152.000 од нив им е дијагностицирано некое психотично нарушување.

Психотичните нарушувања често вклучуваат заблуди (делузија), како убедувањето дека телевизијата испраќа лични пораки, како и халуцинации – како што е слушање гласови што наредуваат или критикуваат, наведува Националниот институт за ментално здравје.


Податоците покажуваат дека стапката на нови случаи се зголемила од 62,5 на 100.000 жители во 1997 година на речиси 100 случаи на 100.000 во 2023 година. Најизразениот пораст е забележан кај помладите возрасни групи.

На пример, луѓето родени помеѓу 2000 и 2004 година имале дури 70 отсто поголем ризик од развој на психоза во споредба со оние родени помеѓу 1975 и 1979 година. Исто така, вкупниот број на дијагностицирани случаи се зголемил за 38 отсто кај луѓето родени во раните 1990-ти во однос на оние родени кон крајот на 1970-тите.

Луѓето што живеат со психотични нарушувања често се соочуваат и со низа други здравствени проблеми и имаат поголем ризик од рана смртност. Поради ова, овие трендови, како што наведуваат истражувачите, отвораат важни прашања за причините и долгорочните последици од сè почестите дијагнози.

Една од можните причини е пораст на консумирањето психоактивни супстанции, вклучувајќи канабис, стимуланси, халуциногени и синтетички дроги. Особено загрижувачки е фактот што нивната употреба сè повеќе се појавува на рана возраст, што е поврзано со развојот и влошувањето на психотичките нарушувања.


Освен тоа, денешните генерации почесто растат со постари и здравствено оптоварени родители, изложени се на поголем финансиски стрес во семејството, почести преселби и негативни искуства во детството.

Сепак, постои и можност психозата едноставно да се препознае подобро и порано отколку порано, благодарение на напредокот во дијагностиката и поголемата свест за менталното здравје.

Истражувачите заклучуваат дека се потребни повеќе истражувања за целосно да се разберат причините за ова загрижувачко зголемување на психотичните нарушувања кај помладите генерации – и како да се реагира навреме.