СДА Македонија: Осуда за примитивното однесување на Вучиќ кон Шекеринска

Макфакс

16/02/2026

13:21

421

Големина на фонт

а а а

Странка на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) го осудува, како што велат, примитивното однесување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кон Радмила Шекеринска, заменик-генерален секретар на НАТО, на маргините на Минхенската безбедносна конференција 2026 година.

„Сметаме за важно да му се укаже на Александар Вучиќ, “политичкиот син” на Воислав Шешељ, како и министер за пропаганда во времето на Слободан Милошевиќ, како директен актер во обидот за создавање на Голема Србија преку геноцид, војни и прекројување на границите на соседните држави, дека нема морално право било кого да обвинува за сецесија. Посебно не лажно, без аргументи и со извртување на тези да обвинува заменик-генерален секретар на НАТО, во случајот Радмила Шекеринска“, велат од СДА Македонија.

Од таму додаваат дека примитивниот однос на претседателот на Србија кон заменик-генерален секретар на НАТО, не може да се смета за личен однос на Вучиќ кон Шекеринска.

„Тоа е однос на претседателот на Србија кон НАТО, но и негов однос кон позицијата на државата од каде што доаѓа заменик-генералниот секретар на НАТО, во случајот Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Според партијата, запрепастувачки е молкот на претседателката на државата, Гордана Силјановска – Давкова, како и молкот на Владата на Северна Македонија, на оваа, како што велат, провокација која доаѓа од авторитарниот лидер на Србија.

„Сметаме дека претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, како и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, треба да упатат реакција до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со осуда за неговиот некоректен однос. Со тоа ќе се покаже нашиот конструктивен однос во НАТО, а и достоинствено ќе се одговори на примитивниот и понижувачки однос на Вучиќ кон НАТО, но и кон позициите на Северна Македонија. Сериозно загрживачки е сервилниот однос на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ кон режимот на Вучиќ, со кој ги игнорираат сите навреди во изминатите две години кои доаѓаат од официјален Белград. Навреди со кои територијата на Северна Македонија се прогласува за Стара Србија, па се до последните напади на позициите на Северна Македонија, усогласени со НАТО. Мнозинството граѓани на Република Северна Македонија се горди што нашата држава е дел од НАТО, кој преставува најголем безбедносен, демократски и економски сојуз во светот. Горди сме и што заменик-генерален секретар на НАТО доаѓа од Република Северна Македонија“, велат од СДА Македонија.

Вучиќ ја критикуваше Шекеринска оценувајќи дека дел од нејзините изјави немаат многу смисла и не ја одразуваат реалноста.

Тој изјави дека од Шекеринска „можат да се слушнат многу работи што немаат многу смисла“ и нагласи дека таа, како и многу други, „не сака да вметне во својата гледна точка она што е вистина и очигледно“ што се видело и кога зборувала за сецесионизмот и за Република Српска, пренесуваат српските медиуми.

Вучиќ ова им го кажа на новинарите во Минхен, кога беше прашан каков е неговиот коментар за изјавата на Шекеринска дека Хрватска и Албанија се сигурни партнери на НАТО.