Во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка река на улица „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“. Регистрирано е и заезерување на улица „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, инфромираше Центарот за управување со кризи.
На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби.
– Лицата кои имаат потреба од времено згрижување ќе бидат сместени во спортската сала во Иванидол. На терен се екипите на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијална противпожарна единица – Кичево, кои интервенираат согласно приоритетите и потребите на граѓаните. Свикан е Кризен штаб, кој континуирано ја следи состојбата и ги координира сите активности за помош и заштита. Апелираме на смиреност, трпение и внимателност, велат од Општина Кичево.
Општината издаде и препораки за безбедност, да се избегнува движење низ поплавени улици и подрумски простории и доколку има ризик, да се исклучи електрична енергија во домовите.
Situata alarmante edhe në lagjen në Podvarosh!
Posted by Tv Uskana on Sunday, February 15, 2026
– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати, велат од Општината.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош. Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи, велат од ЦУК.












