Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство во модерен, џез и класичен балет 2026, кое ќе се одржи од 21 до 29 октомври во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Станува збор за едно од најзначајните танцови случувања во Европа, кое ќе донесе над 3.500 натпреварувачи од повеќе од 30 европски земји.
Официјален организатор на настанот е студиото „Брејк А Лег“, кое најавува деветдневна програма исполнета со натпревари во модерен, џез и класичен балет, како и низа придружни активности. Првенството се одржува под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, со акцент на спојот меѓу современиот танц и македонското културно наследство.
Во рамки на промотивните активности се реализираат и официјални видеа, а во првото главната улога ја има Стефанија Гаштарска – првата македонска балерина што настапувала на сцената на Болшој театарот во Москва. Видеото е во режија на Ненад Смиљковиќ, со оригинална музика од композиторот Александар Јовевски, а во него се вклучени и фолклорни играчи како симбол на традицијата.

Организаторите очекуваат илјадници гости, тренери и љубители на танцот, што ќе придонесе за дополнителна промоција на Скопје и Македонија како културна и туристичка дестинација. Европското првенство има за цел да го поттикне развојот на танцот како уметност и спортска дисциплина и да ја зацврсти позицијата на земјата на европската културна мапа.







Комерцијален текст












