Скандал во ЕУ: полицијата упадна во просториите на Европската комисија

Макфакс

12/02/2026

19:10

402

Големина на фонт

а а а

Белгиската полиција спроведе претрес во просториите на Европската комисија во Брисел.

Станува збор за истрага за можни неправилности во продажбата на недвижен имот во сопственост на Европската Унија, пренесуваат светските медиуми.

Акцијата е спроведена наутро, а опфатила неколку објекти на Комисијата, вклучувајќи го и одделот задолжен за буџетот, објавува Фајненшл тајмс (FT).

Истрагата, според написите, се однесува на продажба на недвижен имот на Европската Унија, која е спроведена за време на претходниот мандат на Европската комисија, кога Јоханес Хан бил задолжен за буџетот.

Според изворите, предмет на проверката е трансакција од 2024 година, кога 23 згради биле продадени на белгискиот државен инвестициски фонд SFPIM за вкупно 900 милиони евра.

Постапката ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), одговорно за кривични дела што им штетат на финансиските интереси на Европската Унија.

Портпаролката на организацијата, Тине Холвет, потврди дека активностите за собирање докази се во тек, но нагласи дека не може да даде дополнителни информации за да не се загрози текот на истрагата.

Белгиската федерална полиција и OLAF, европската канцеларија за борба против измами, одбија да коментираат за случајот.

Белгискиот фонд SFPIM исто така не одговори на барањата на медиумите, додека истрагата продолжува без официјални обвиненија или заклучоци.

Јоханес Хан беше задолжен за управување со буџетот на Европската Унија до 2024 година, а по завршувањето на неговиот мандат, беше назначен за специјален претставник на ЕУ за Кипар.

Претходно ја извршуваше функцијата европски комесар за проширување од ноември 2014 до ноември 2019 година