Расмусен: НАТО не значи ништо без Америка

Макфакс

12/02/2026

17:50

158

Големина на фонт

а а а

Поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен премиер на Данска, Андерс Фог Расмусен, оцени дека Северноатлантската алијанса без учеството на САД „не значи ништо“, посочувајќи дека европските земји сè уште во голема мера зависат од Вашингтон кога станува збор за безбедноста.

Во интервју за „Политико“, Расмусен рече дека евентуалното дистанцирање на САД од Алијансата ќе ја стави Европа пред сериозен предизвик и ќе ја принуди да ги преиспита сопствените одбранбени капацитети.

„Јасно е дека НАТО не значи ништо без САД. Затоа, ако САД одлучат да не учествуваат во НАТО или да го игнорираат, Европејците ќе мора да создадат европски НАТО, во чиј центар ќе биде коалиција од спремни, способни и подготвени европски земји да ја бранат Европа“, изјави тој.

Во исто време, Расмусен ги отфрли тезите за целосен прекин на трансатлантските односи, оценувајќи дека таквото сценарио е „фантазија“ која нема основа во реалноста. Според него, европските земји се премногу зависни од американските воени капацитети, разузнавачка поддршка и стратешки нуклеарен чадор за да можат да функционираат без САД на краток рок.

Сепак, тој истакна дека во Европа е забрзан процесот на таканареченото „намалување на ризикот“, односно напорот за намалување на прекумерната зависност од надворешни партнери во клучните безбедносни и одбранбени сегменти. Овој процес, како што може да се заклучи од неговите зборови, не подразбира раскинување со САД, туку зајакнување на сопствените капацитети во рамките на постојниот сојуз.

Во исто време, во рамките на Европската унија се зборува сè погласно за потребата од создавање поавтономна одбранбена рамка. Европскиот комесар за одбрана и вселена, Андријус Кубилијус, претходно како стратешки приоритет на Унијата ја посочи подготвеноста за воспоставување одбранбен сојуз и постепена замена на американските сили со европски капацитети.

Кубилијус нагласи дека формирањето на вистинска Европска одбранбена унија е првиот чекор кон стратешка независност на Брисел. Овој концепт подразбира зајакнување на заедничките воени структури, координација на индустриските и технолошките ресурси, како и поголема финансиска одговорност на европските членки за сопствената безбедност.

Помеѓу јасната зависност од САД и амбицијата за поголема независност, Европа на тој начин се наоѓа во сложена рамнотежа. Проценката на Расмусен дека НАТО без Америка „не значи ништо“ е предупредување, но и потсетник дека евентуалната промена во американската политика би можела да ги забрза процесите што веќе се наѕираат во рамките на Европската Унија, анализираат медиумите.