Зошто сме постојано уморни? Синдромот на модерното прегорување што сите го игнорираме!

Точка

12/02/2026

18:36

465

Големина на фонт

а а а

Спиеме доволно, пиеме кафе, викендите одмараме – а сепак се будиме исцрпени. Проблемот можеби не е во сонот, туку во начинот на кој живееме.

Никогаш не сме имале повеќе технологија што ни го олеснува животот, а никогаш не сме се чувствувале поуморно. Реченицата „Преморен/а сум“ стана секојдневие, речиси поздрав. И не станува збор само за физички замор. Тоа е оној тивок, длабок замор што не поминува ни по осум часа сон, ни по викенд без обврски. Се будиме уморни, работиме уморни, легнуваме уморни. Зошто?

Психолозите сè почесто зборуваат за феноменот на модерно прегорување кое не ги погодува само луѓето со преполн распоред, туку речиси секој што е постојано „вклучен“. Нашиот мозок повеќе нема пауза. Дури и кога физички мирува, ментално сме активни – проверуваме пораки, скроламе, одговараме на мејлови, го планираме следниот ден. Мозокот не прави разлика меѓу реална опасност и нотификација што свети. Секој звук активира мал бран стрес.


Друг проблем е постојаната достапност. Некогаш крајот на работното време навистина беше крај. Денес порака од работа стигнува во 21 часот, а ние ја читаме затоа што „не е ништо страшно“. Но е. Секојпат кога го прекинуваме одморот поради обврска, си испраќаме порака дека немаме право на пауза. А без вистинска пауза нема ни вистинска регенерација.

Тука е и феноменот на таканаречен микро-замор. Тоа не се големи кризи, туку ситни одлуки што ги носиме во текот на денот – што да облечеме, што да одговориме, како да реагираме, што да објавиме, што да премолчиме. Мозокот се троши на стотици мали избори. И додека мислиме дека не сме направиле ништо особено тешко, менталната батерија веќе е на минимум.


Парадоксално, ни слободното време повеќе не е одмор. Наместо да го користиме за вистинско опуштање, се трудиме да го оптимизираме. Тренинг, дружење, серија, личен развој, планирање на иднината. Дури и релаксацијата станува задача што треба правилно да се заврши. Во таа потреба постојано да бидеме продуктивни, забораваме како изгледа досадата. А токму досадата некогаш беше простор во кој мозокот се одмораше.

И социјалните мрежи имаат своја цена. Постојаното споредување со туѓите животи исцрпува повеќе отколку што мислиме. Дури и кога не сме свесни за тоа, нашиот мозок ги регистрира туѓите успеси, патувања, тела, рутини. Се создава тивок притисок да бидеме подобри, побрзи, поефикасни. Тој внатрешен дијалог троши енергија.

Важно е да се знае дека уморот е сигнал. Сигнал дека предолго сме биле под напон. Дека не сме поставиле граници. Дека сме го замениле одморот со дистракција. Хроничниот замор често нема врска со сонот, туку со недостаток на ментална тишина.


Можеби решението не е уште едно кафе, уште еден суплемент или уште една мотивациска рутина. Можеби решението е во тоа да си дозволиме да бидеме недостапни. Да ги исклучиме нотификациите. Дел од денот да остане без цел. Да не одговараме веднаш. Да не бидеме постојано на располагање.

Зашто телото може да издржи многу. Но умот што никогаш не застанува – на крај сам се исклучува. А тогаш уморот повеќе не е само фаза, туку сериозно предупредување. Можеби не сме мрзливи. Можеби само предолго сме уморни на начин што почнавме да го сметаме за нормален.