Истражувачи од Турција тврдат дека откриле археолошки докази дека Римјаните користеле човечки измет во медицински третмани, пренесе Си-ен-ен.
Иако римските текстови ја опишувале оваа практика, ова е прв пат да се документираат физички докази, се наведува во студијата објавена во списанието „Journal of Archaeological Science“.
Водечкиот автор на студијата Џенкер Атила, археолог од универзитетот „Sivas Cumhuriyet“ во Турција, изјави за Си-ен-ен дека за време на истражувањето за книгата „Стаклени предмети од Музејот Бергамо“ од 2022 година, чијшто е коавтор, забележал остатоци во римски стаклени шишенца, познати како угвентариуми во Музејот Бергамо.
Атила пронашол остатоци од седум различни садови, но конечниот резултатот го добил од само еден артефакт ископан во античкиот град Пергам, кој потекнува од 2-от век.

По отстранување на глинениот капак и земање примероци од кафеави лушпи од шишенцето, Атила утврдил дека содржело „човечки измет, висока концентрација на мајчина душица и маслиново масло“.
„Бидејќи сме добро запознаени со античките пишани извори, веднаш препознавме дека станува збор за медицински препарат кој го користел познатиот римски лекар Гален“, објасни Атила.
Роден во богато грчко семејство во Пергам, Гален е пионер на анатомијата и им служел на тројца римски цареви; неговите медицински записи имале трајно влијание околу 1.500 години.
„Пронаоѓањето токму на оној лек што го опишал самиот Гален беше големо изненадување и извор на огромна возбуда за нас“, истакна Атила.
Трансплантација на фекална микробиота е антички третман
Според античките текстови, човечкиот и животински измет биле познати како „третмани за различни состојби - од воспаленија и инфекции до репродуктивни нарушувања“, напишаа авторите на студијата.
„Иако често се споменувале со еуфемизми или претпазливост, ваквите супстанции не биле нужно перципирани како одбивни или ирационални. Напротив, тие зафаќале граничен простор во античката фармакологија – се сметале за моќни и ефикасни, но во исто време имале симболично и сензорно значење“, додадоа авторите.

Атила рече дека резултатите од анализата значат дека медицинската практика „претходно позната само од антички пишани извори сега е физички докажана преку археолошки предмет“.
„Истовремено, нашите наоди даваат докази дека „фекалната трансплантација“, која денес зазема важно место во модерната медицина, била позната уште во античко време“, рече тој, осврнувајќи се на практиката на земање примерок од столицата од здрав донатор и негово пренесување на пациентот со цел да се искористи микробиотата.
Американската агенција за храна и лекови одобри два производи за фекална трансплантација за превенција на повторливи бактериски инфекции на дебелото црево кај возрасни.
Изненадување во шишенце за парфем
Иако ваквите стаклени шишенца обично се користеле за парфеми, ова очигледно било пренаменето како шишенце за лекови, рече Атила.
Што се однесува до мајчината душица, таа се користела поради нејзините антибактериски својства и за маскирање на мирисот на измет, објасни тој.
„Кога го отворивме шишето, не почувствувавме никаков забележлив мирис“, истакна тој.
Истражувањето е научно базирано, рече Николас Персел, професор емеритус по античка историја на Универзитетот во Оксфорд, кој не учествувал во студијата.

Како што рече тој наодите не се изненадувачки, бидејќи овој вид терапија е истакнат во римските текстови, „но многу е убаво да се поврзе таа традиција со археолошки материјал“, нагласи Персел.
„Би бил многу заинтересиран за контекстот во кој е пронајден предметот пред да заврши во музејско депо“, додаде Персел, изнесувајќи ја можноста дека стакленото шишенце можеби било пронајдено во гробница или можеби закопана со лекар или пациент.
„Беше вообичаено да се мисли дека малите стаклени садови во гробниците содржувале луксузни предмети, особено парфеми и козметика, но главниот придонес на ова уредно истражување би можел да биде во проширувањето на тоа истражување“, истакна тој.















