Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се осврна на извештајот на „Фајненшел тајмс“ според кој украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 февруари има намера да претстави план за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија. Песков порача дека за тоа „е прерано да се зборува“, пишува „Украинска правда“.
„Гледаме дека во медиумите се појавуваат контрадикторни информации. Еден извор тврдеше дека почнале подготовки за избори, додека друг извор од администрацијата, од канцеларијата на киевскиот режим, тоа го демантираше“, изјави Песков.
Портпаролот на Кремљ додаде дека ваквите информации треба внимателно да се следат и да се земат предвид.
„Но, сепак треба да се водиме од релевантни извори“, заклучи тој.
„Фајненшел тајмс“ претходно, повикувајќи се на свои извори, објави дека претседателот Зеленски на 24 февруари ќе претстави план за претседателски избори, заедно со референдум за мировен договор со Русија. Канцеларијата на претседателот на Украина сè уште официјално не се огласила за овој извештај.
Недамнешните истражувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Украинци се против одржување избори пред завршување на непријателствата. Поголемиот дел, исто така, ги отфрлаат предлозите за предавање на целиот регион Донбас под руска контрола во замена за безбедносни гаранции од САД и Европа.
Сепак, 55 отсто од Украинците поддржуваат одржување референдум за мировен договор за завршување на војната со Русија, додека 32 отсто се против. Во меѓувреме, украинската организација „Граѓанска мрежа ОПОРА“ потсети дека важечкиот закон забранува референдуми за време на вонредна состојба.
Тие истакнуваат дека во такви услови е невозможно да се обезбеди учество на милиони Украинци во странство и на воениот персонал, да се ублажат безбедносните закани и кампањите за дезинформации, како и целосно да се обнови оштетената изборна инфраструктура. Дури и ако непријателствата престанат, подготовката за ваков референдум би барала значително време и сложени реформи.












