Италија: Покренати се три истраги за неуспешна трансплантација на срце на двегодишно дете

Макфакс

10/02/2026

16:50

172

Големина на фонт

а а а

Во Италија се покренати три истраги за да се разјасни зошто срцето донирано на двегодишно момче во болницата „Моналди“ во Неапол не можело да се трансплантира, објавува локалниот портал „НаполиТудеј“.

Според информациите од обвинителството во Неапол, органот е доставен во оштетена состојба, а момчето во моментов е поврзано на машина за одржување во живот, чекајќи нов соодветен донатор.

Адвокатот на семејството, Франческо Петручи, наведува дека на родителите им било кажано дека срцето е имплантирано, што е еден од аспектите што се истражуваат.

На судско ниво, истрагите се спроведуваат во три насоки – во Неапол, во Болкано, каде што е експлантирано срцето на донорот, а се спроведува и внатрешна административна истрага во болницата „Моналди“, која привремено ги суспендираше трансплантациите на срце кај децата.

Според досегашната реконструкција, срцето донирано од четиригодишно момче кое почина во Вал Вености наводно било неправилно складирано и транспортирано.

Наместо мраз, кој традиционално се користи за одржување на температурата на органот, се користел сув мраз, контактот со цврст јаглерод диоксид го оштетил срцевото ткиво, што ја направило трансплантацијата невозможна и покрај напорите на медицинскиот тим од Неапол.

Здравствената администрација на Јужен Тирол истакнува дека процедурите за донација и трансплантација се спроведуваат според строги протоколи, а техничката и правната одговорност за зачувување и транспорт на органи главно му припаѓа на тимот на болницата што го прима органот, додека институцијата-донатор обезбедува операциони сали и логистичка поддршка.

Техничките и судските истраги ќе ја утврдат евентуалната одговорност.