Раул Гонзалес направи изненадувачки потег кога реши да ја прифати работата од Србија и да стане селектор на националниот ракометен тим, но дека проектот е максимално сериозен и амбициозен, доволно говори и најновата вест која пристигна од сосеството.
Ракометниот клуб Партизан ова утро доста неочекувано се раздели со својот тренер Ѓорѓе Ќирковиќ, а угледните српски извори информираат дека тоа е направено поради фактот што е постигнат договор со реноминираниот и трофеен шпански стручњак.
Медиумите од Србија откриваат дека Раул договорил двегодишна соработка со Партизан, а тоа впрочем е временската рамка која веќе ја договори и со српскиот ракометен сојуз за водење на националниот тим.
По се изгледа, водечките луѓе на српскиот ракомет активираа „македонски рецепт“ со Раул Гонзалес, кој во минатото истовремено го водеше Вардар, но и македонската ракометна репрезентација.
Гонзалес со Вардар ја освои историската прва титула во Лигата на шампиони, а во продолжение го водеше и моќниот тим на ПСЖ.







