Американската спортистка Аника Малачински не може да се натпреварува оваа година на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а причината е тоа што жените не се натпреваруваат во спортот со кој таа се занимава.
Малачински се занимава со нордиска комбинација, еден од најстарите олимписки спортови, кој се нашол меѓу спортовите во кои спортистите се натпреварувале и на првите Зимски олимписки игри во 1924 година во Шамони.
Оттогаш па сè до денес, жените не се натпреваруваат во овој спорт кој ги спојува скијачките скокови и скијачкото трчање, а Меѓународниот олимписки комитет (МОК) очигледно нема планови тоа да го промени.
Имено, во пресрет на Олимписките игри 2026 година, МОК донесе одлука да не се воведе женска конкуренција, со образложение дека спортот „не е применлив во женска категорија“.
Како причини ги наведоа малата гледаност на женските натпреварувања и малиот број земји кои учествуваат.
Таа одлука ја растажила Малачински, а во разговор за списанието „Self“ се присетила на моментот кога ги дознала лошите вести.
„Пет години тренирав за мојот спорт и бев целосно подготвена да испишам историја. Дури и во себе размислував да ја замолам стјуардесата за чаша шампањ во исчекување на објавата“, напиша Малачински.
„Наместо тоа, плачев осум часа без прекин. Додека седев таму, во воздухот, сознанието дека мојот сон ќе остане недостижен уште четири години целосно ме скрши“, додаде Малачински.
Поради одлуката на МОК, таа Олимписките игри може да ги гледа само на ТВ, а таму ќе може да го види и својот брат како се натпреварува во нордиската комбинација.








