350 планинари го искачија врвот Клепа во чест на Калина и Александар

Точка

10/02/2026

10:06

666

Големина на фонт

а а а

Со учество на околу 350 планинари и рекреативци од повеќе градови, беше реализирано деветтото традиционално зимско искачување на врвот Клепа. Настанот беше посветен на трагично загинатите планинари Калина Велеска и Александар Миновски, а организаторите најавија и јубилејно десетто искачување со нови еколошки активности.

Деветтото традиционално зимско искачување на врвот Клепа, на надморска височина од 1.150 метри, собра околу 350 планинари и рекреативци од Росоман, Сирково, Градско, Велес, Скопје, Гевгелија, Демир Капија, Неготино и Кавадарци.

Настанот беше организиран од Спортско-планинарското еколошко друштво „Клепа“ од Росоман, еколошката групација „Грин пауер“, планинарскиот клуб „Азот“ од Велес, со поддршка од општините Росоман и Градско.


Како и во изминатите години, искачувањето беше во чест на прерано загинатите планинари Калина Велеска и Александар Миновски, кои учествуваа на првото зимско искачување на Клепа, а на 10 февруари 2018 година трагично го загубија животот при искачување на врвот Кајмакчалан.

Учесниците ја започнале маршрутата од селото Сирково кон селото Подлес, при што ја посетиле и „шумата на Калина и Александар“. Од Подлес следувало искачување до врвот Клепа, по што колоната се спуштила по стрмен терен до манастирот „Свети Архангел Михаил“ кај селото Долно Чичево. Таму беше организиран заеднички ручек и дружење, подготвен со помош на логистиката на Армијата и жителите на селото Сирково.


Вкупната должина на патеката изнесува 19,3 километри, со висинска разлика од 880 метри.

Организаторите истакнаа дека целта на настанот е оддавање почит на загинатите планинари, промоција на врвот Клепа, поттикнување на рекреативното планинарење и јакнење на соработката меѓу планинарските друштва и општините Росоман, Градско и Велес.

На крајот од настанот беа доделени благодарници на организаторите, логистиката на Армијата и на градоначалниците на општините Росоман и Градско.

За наредната година беше најавено десеттото јубилејно зимско искачување, кое ќе вклучи обновување на „шумата на Калина и Александар“ со садење нови дрвја и поставување спомен-обележје во нивна чест.