Професор од Киев: Украина не е подготвена за отстапки

Макфакс

09/02/2026

11:16

175

Големина на фонт

а а а

Професорот од Институтот за меѓународни односи Максим Камењецки се јави во живо од Киев на телевизијата Н1, каде што ги опиша тешките услови за живот во украинската престолнина под постојани руски напади и рече дека Украинците не се подготвени да прават отстапки.

И покрај уништената енергетска инфраструктура и екстремно ниските температури, огромното мнозинство граѓани не сакаат да капитулираат.

Камењецки го опиша секојдневниот живот во украинската престолнина. „Доста е тешко да се живее во Киев сега. Целата енергетска инфраструктура од која зависи нормалниот живот е уништена. Во секој даден момент, две третини од градот се без електрична енергија“, рече тој.

„Во мојот дел од градот, кој е најтешко погоден, сме без електрична енергија околу 20 часа на ден, а ја имаме само четири часа. Имаме само ладна вода и слабо греење. Тоа е сè што имаме“, рече Камењецки, додавајќи дека температурите во Киев се околу -20 степени Целзиусови.

„Има снег и е многу ладно. Во мојот стан температурата е околу 16 степени, но во некои е само пет“, додаде тој.

И покрај тешките услови, Каменецки нагласува дека духот на отпорот не е скршен. „Украинците не се подготвени да прават отстапки, што е потврдено со социолошки анкети. Помеѓу 60 и 70 проценти од граѓаните не сакаат Украина да се согласи на капитулација“, нагласи тој.

„Првиот удар врз енергетската инфраструктура се случи на 10 октомври 2022 година. Оттогаш, постојано се бориме да надоместиме за сè што губиме“, рече тој.

Коментирајќи ги руските воздушни напади, Каменецки објасни како се променила нивната тактика. „Русите постојано ги менуваат своите тактики на воздушни напади. Почнаа со беспилотни летала, потоа со балистички ракети, потоа со крстосувачки ракети, а потоа сфатија дека е најдобро да нападнат со сè одеднаш“, рече тој, опишувајќи ја ситуацијата како доста драматична.

Кога го прашаа дали Украина возвраќа, тој одговори потврдно. „Всушност, ова е единствениот начин луѓето во Русија да разберат што е војна и која е нејзината цена. Мислам дека Украина исто така се обидува да ја примени истата тактика – да таргетира цели како руската енергетска инфраструктура“, смета Каменецки.

Тој се осврна и на изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Унгарија долго време нема пријателски односи со Украина. Веројатно е тоа историски комплекс што Унгарците го имаат кон сите свои соседи, не само кон нас. Тоа е проблем што се влече од минатото. Орбан го користи овој проблем за да се прикаже пред своите гласачи како заштитник на унгарските интереси, а тоа веројатно му оди во прилог“, рече тој.

Конечно, тој коментираше за преговорите во Абу Даби. „Што се однесува до преговорите во Абу Даби, постигнати се одредени резултати по помали прашања како што е размената на затвореници, но главното прашање за територијата останува нерешено“, заклучи Камењецки.