[ВИДЕО] Ѓоковиќ првпат присуствуваше на отворање на Зимски олимписки игри

Макфакс

07/02/2026

13:09

350

Големина на фонт

а а а

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, приреди вистинско изненадување појавувајќи се на свечената церемонија на отворањето на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, објавуваат српските медиуми.

По финалето на Австралијан опен, каде што беше поразен од Карлос Алкарас, Ѓоковиќ решил слободното време, според наводите, да го помине со сопругата Јелена и децата во Италија, уживајќи во олимпискиот спектакл.

Новак ја искористи можноста да ја коментира атмосферата во земјата што му била секогаш драга, истакнувајќи дека ова му е првпат да присуствува на отворањето на зимското издание на Игрите.

“Прекрасен спектакл, како и секогаш. Секогаш е убаво да се биде во Италија. Очигледно е дека Италија е земја на спортот. Очекувавме спектакл и тоа го видовме. За мене ова беше прв пат на церемонијата на отворање на Зимските Олимписки игри и тоа беше голема емоција. Многу сум среќен што го доживеав ова искуство со моето семејство”, рече Ноле за италијанските медиуми.

Иако многумина шпекулираа за крајот на неговата кариера по турнирот во Мелбурн, Ѓоковиќ со својата изјава за Летните олимписки игри во Лос Анџелес 2028 година јасно стави до знаење дека сè уште не планира да се повлече. На прашањето за далечната иднина и настапот во САД, тој одговори:

„Далеку е, да. Во овој период од мојот живот и кариера е далеку, но очигледно е дека имам желба да стигнам таму.“

Исто така, на констатацијата дека сè уште успешно се спротивставува на помладите генерации, Новак со насмевка додаде:

„Да, мора. Во секој случај, човек мора да размислува за себе како за млада личност.“