Реставрацијата на хотел вредна злато: Заработиле околу 13 милиони долари со продажба на златни плочи извадени од подот

Точка

06/02/2026

18:01

3.046

Големина на фонт

а а а

„Grand emperor“ во Макао ги отстрани и продаде златните прачки што беа вградени во подот на влезниот хотелски хол, заработувајќи речиси 13 милиони долари поради растот на вредноста на благородните метали, пишува "РТС".

Отворен во 2006 година, хотелот е познат по раскошниот ентериер, вклучително и „златната патека“ со десетици златни прачки вградени во плочите на влезот.

Меѓутоа, матичната компанија на одморалиштето со седиште во Хонгконг, „Emperor Entertainment Hotel Ltd“, наведе дека, иако златото создавало „раскошна и блескава атмосфера“ во хотелот, во услови на актуелните пазарни околности препознаена е добра можност прачките да се отстранат и да се продадат.


Групацијата соопшти дека продала „одреден број златни прачки со вкупна тежина од 79 килограми“ на компанија со седиште во Хонгконг за 12,8 милиони долари. Се додава дека продажбата „ќе ја зајакне финансиската позиција на групата и ќе ѝ овозможи вложувања доколку се појават соодветни инвестициски можности“.

Макао беше португалска колонија 442 години, сè додека контролата не беше вратена на Кина во 1999 година. Денес е еден од двата кинески специјални административни региони, заедно со Хонгконг, на кои им е дадена поголема автономија во однос на Пекинг.


И натаму е единственото место во Кина каде што казино-коцкањето е легално, а територијата со површина од околу 33 квадратни километри беше глобален лидер по приходи од коцкање во 2025 година.

Сепак, под притисок од Пекинг да ја диверзифицира својата економија, многу казина почнаа да се оддалечуваат од коцкарските активности поради заострување на локалните прописи, вклучително и „Grand emperor“, кој го затвори своето казино во октомври.


Сопствениците истакнаа дека, по прекинот на коцкањето во тој објект, активно се планираат други забавни и рекреативни содржини, при што веќе е планирана реконструкција на хотелското лоби украсено со злато.

„Со оглед на тоа што е предвидено реновирање и преуредување на релевантниот простор, благородните метали кои првично беа дел од ентериерниот дизајн и опремата на хотелот повеќе не се усогласени со идната тема на хотелот“, се наведува во соопштението.


Поради нестабилноста на глобалниот финансиски пазар, во изминатите 12 месеци дојде до нагол раст на цената на златото. Инвеститорите во услови на неизвесни макроекономски околности бараат сигурност во благородните метали бидејќи тие подобро ја зачувуваат вредноста од фиат валутите и акциите, пишува „Guardian“.