Музичката дива Селин Дион со години води тешка борба со ретко невролошко заболување, а емотивните сцени од нејзиниот документарец „I Am: Celine Dion“ повторно го привлекоа вниманието на јавноста.
Имено, на Дион во 2022 година ѝ беше дијагностициран редок синдром на вкочанета личност, поради што се повлече од музичката сцена. И покрај тоа, таа отворено зборува за својата здравствена состојба со цел да ја подигне свеста за ова нарушување и да ги охрабри другите кои се соочуваат со слични проблеми.
Последниве денови по социјалните мрежи повторно се споделува силна и потресна сцена од документарецот „I Am: Celine Dion“ од 2024 година. Во емотивното видео пејачката е прикажана расплакана, додека телото неконтролирано ѝ се тресе, а медицинскиот персонал се обидува да ѝ помогне и да ја смири.
Видеото ги трогна бројните фанови, кои во коментари ја истакнуваат нејзината исклучителна внатрешна сила и храброст.
„Оваа сцена е апсолутно срцепарателна, но ја покажува нејзината неверојатна сила и ранливост. Споделувајќи ги овие сурови, болни моменти, таа им дава глас на сите кои се борат со ретки состојби. Отсекогаш беше легенда поради својот глас, а сега е хероина поради својата храброст. Ѝ испраќам многу љубов и исцелителна енергија“, напиша еден фан.
Синдромот на вкочанета личност е ретко автоимуно невролошко нарушување кое предизвикува изразена вкочанетост на мускулите, болни грчеви и ограничена подвижност, а во потешки случаи може да доведе до опасни напади на спазми. Дион јавно ја сподели својата дијагноза пред четири години, а минатата година откри дека во својот дом вовела СОС-систем како дополнителна безбедносна мерка.

Нејзините 15-годишни близнаци, Еди и Нелсон, се запознаени со процедурите во случај нивната мајка да има потреба од итна медицинска помош, што дополнително говори за сериозноста на ситуацијата со која се соочува семејството.
И покрај здравствените проблеми, Селин Дион минатата година се појави на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз. Повремено се појавува и на јавни настани, испраќајќи силна порака на истрајност и надеж. Иако се соочува со сериозни здравствени предизвици, славната пејачка и понатаму покажува исклучителна сила, храброст и решителност.









