Џиновска женка мрежест питон (Malayopython reticulatus), откриена кон крајот на 2025 година во областа Марос на индонезискиот остров Сулавеси, се смета за најдолгата змија што некогаш била официјално измерена во дивина, соопшти Гинисова книга на рекорди.
Питонот-рекордер, од врвот на главата до крајот на опашката е долг 7,22 метри, што значи дека е приближно долг колку шест и пол супермаркетски колички наредени во ред.
Под анестезија, кога телото на змијата целосно се опушта, таа би можела да биде и до 10% подолга – што значи дека нејзината реална должина би можела да изнесува околу 7,9 метри. Сепак, поради ризиците што ги носи анестезијата, Гинисова книга на рекорди не го разгледала таквото мерење.

За оваа извонредна змија, за која во моментов се грижи локалниот активист за заштита на диви животни Буди Пурвант, проценка направиле Дијас Нуграха – водич за див свет, спасувач и лиценциран ракувач со змии од Калимантан на Борнео, како и Раду Френтиу, истражувач и фотограф на природа кој веќе две децении живее на Бали.
Нуграха и Френтиу организирале патување на Сулавеси штом слушнале гласини за оваа огромна змија, сакајќи да ја видат со свои очи и да обезбедат таа да биде правилно документирана. Исто така, се надевале дека привлекувањето внимание кон овој извонреден примерок може да придонесе за заштита и на самата змија и на други слични змии во иднина.
„Секој мускул на таа змија е вистинска електрана и се чинеше како секој да функционира одделно. Токму таа сила најмногу ве импресионира, заедно со нејзината способност да се прошири при голтање огромен плен, дури и до големина на крава, што за повеќето луѓе е речиси незамисливо“, изјавил Френтиу.
Питонот бил измерен со геодетска мерна лента, а потоа и измерен на вага, откако бил сместен во голема платнена вреќа, при што се покажало дека тежи 96,5 килограми, што е споредливо со тежината на возрасна џиновска панда.

Оваа извонредна змија го добила името „Ibu Baron“ (во превод „Бароница“) и им се придружила на бројните други змии што Пурвант ги спасил на Сулавеси во последните години, развивајќи еден вид засолниште за змии.

„Ibu Baron“ речиси сигурно му го должи животот на Пурвант, кој брзо реагирал кога во декември 2025 се појавиле вести за нејзиното пронаоѓање – ја откупил од оние што ја нашле и се погрижил ништо да не ѝ се случи. Истото го направил и со неколку други змии, кои сега ги чува во пространи оградени простори на својот имот во округот Марос, со што ги штити и животните и локалното население.













