Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс

Макфакс

05/02/2026

14:32

147

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.

Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.

Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.

Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.

„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.

Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.

„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.

На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.

„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.