Министерот за здравство Азир Алиу денес промовираше електронски систем за евиденција на операциите во сите јавни здравствени установи во земјава. Листата на закажани операции од денес е јавно достапна и граѓаните отсега ќе знаат точно колку луѓе за операција има пред нив во секоја болница и кај секој хирург.
Целта на новиот систем е секој пациент да ја добие потребната услуга на принципот прв дојден, прв услужен. Министерот Алиу кажа дека лекарите досега имаа обврска операциите да ги евидентираат во системот „Мој термин“ со издавање упат за операција, но анализата на состојбата во 2025 година покажала дека лекарите во овој систем завеле 34.862 операции помалку отколку што направиле во болниците. Анализата покажа дека упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција туку пред самата интервенција, дека некои болници и лекарите користат друг тип на упат, конзервативен третман, за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма и дека листите на чекање не се редовно прочистувани и тоа создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите.
„Резултатот од анализата направена за 2025 година покажуваат значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати кој бил 58.648, податок земен од системот ‘Мој термин’ и реализирани операции 93.510, податок добиен од установите што ние како Министерство го побаравме. Тоа укажува на непочитување на законската регулатива. Со новиот електронски систем идејата е прво транспарентност, да знае секој од нас колкава е листата на чекање во одредена институција, одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не се случуваше бидејќи, прво, не се синхронизирани системите, а второ, листата на чекање е во хартиена форма. Ако транспарентноста не е голема, може да има злоупотреби во самиот систем. Ние како граѓани веќе ќе знаеме во која институција, кај кој доктор колкава е листата на чекање. Со тоа автоматски ќе знаеме кога сме ние на ред“, објасни министерот Алиу.

Итните случаи ќе бидат веднаш оперирани и нема да се најдат на листата за чекање, а секој пациент кој што ќе одлучи опрерацијата да ја направи приватно, за што министерот Алиу вели дека е право на секој граѓанин, автоматски нема да биде дел од овој систем. во кој податоците ќе се ажурираат на 24 саати.
Алиу очекува со новиот систем значително да се намали бројот на операции со врски.
„Со ова ќе може да се намали, не сум сигурен дека ќе може да се отстрани целосно тој момент ‘знам некого па да одам пред листата на чекање’. Ние работиме на креативни решенија и понатаму, но ова ни беше многу битно и мора да почнеме од некаде. Огромна е разликата меѓу упат и здравствена услуга и се надевам дека ќе биде помала после овој портал“, вели министерот Алиу.
Тој нагласи дека со новиот портал достапен за граѓаните на https://operacii.zdravstvo.gov.mk/ првпат Министерството воспоставува ред и јасен протокол за закажаните операции.
До јавните здравствени установи кои вршат хируршки интервенции веќе се испратени поединечни известувања со податоци од спроведената анализа и поединечно им е посочено дали и колку се разликува бројот на извршени интервенции, со бројот на реализирани упати за операција во системот „Мој термин“.
















