Мароко евакуираше повеќе од 50.000 луѓе, речиси половина од населението на северозападниот град Ксар ел-Кебир, поради поплавите предизвикани од неколкунеделните обилни дождови, соопштија државните медиуми.
„Градот стана град на духови. Сите пазари и продавници се затворени, а повеќето од жителите или си заминале по своја волја или биле евакуирани“, изјави локалниот жител Хишам Аџту за Ројтерс.
Мароко се соочува со сериозни поплави на север од земјата, особено во регионите Тангер, Тетуан и Ал Хосеима, по месеци континуирани дождови.
Во Лараш на север од земјата беа поставени засолништа за итни случаи за да се сместат семејствата загрозени од поплави.
Водоотпорни шатори се поставени и на фудбалските стадиони за да се сместат раселените, соопштија локалните власти.
Засолништата, кои се поврзани со основните комунални услуги, ќе останат отворени сè додека зголемувањето на нивото на реката Лукос претставува закана.
Синоптичарите предвидуваат повеќе дожд, додека некои жители го користат затишјето на врнежите за да се вратат дома за кратко време.








