Породувањето носи мноштво исцрпувачки нови одговорности, но некои можат позитивно да влијаат врз вашето здравје. Ново истражување открива една работа што може особено да ја намали веројатноста мајката подоцна во животот да стане депресивна.
Имено, истражувањето, кое е објавено во стручното списание „BMJ Open“, утврдило дека доењето може да го намали ризикот од проблеми со психичкото здравје и до 10 години по бременоста.
Научниците ја следеле здравствената состојба на 168 мајки за време на нивните втори бремености, како и обрасците на доење. Жените биле подложени на контролни прегледи по три и шест месеци, како и две, пет и 10 години по породувањето.

Мајките одговарале на прашања за нивното физичко и психичко здравје и за доењето. Само 13 проценти од жените кои доеле навеле дека имале знаци на анксиозност или депресија за време на 10-годишното следење.
Истражувачите откриле дека жените кои имале полошо расположение 10 години по бременоста поретко доеле или го правеле тоа пократок период. Оние кои пријавиле промени во расположението биле помлади и помалку физички активни. Ова се фактори на ризик за депресија и други нарушувања на расположението.
Иако станува збор за опсервациско истражување, експертите сугерираат дека доењето има придобивки за психичкото здравје на мајката, а поволно влијае и врз бебето.

Сепак, многу жени не можат да дојат од повеќе причини, вклучувајќи физички проблеми, несоодветни политики на работното место, стрес и трауми. Истражувачите се надеваат дека нивната работа ќе инспирира воведување промени.
„Можноста доењето дополнително да го намали огромниот товар на депресијата врз поединците, семејствата, здравствените системи и економиите само го зајакнува аргументот дека креаторите на политики треба да ја подобрат поддршката за доењето“, наведоа тие во соопштението.









