Дагур Сигурдсон втора година по ред донесе значаен успех како хрватски селектор, бидејќи по среброто на Светското првенство на кое Хрватска беше ко-домаќин, „коцкестите“ сега се враќаат дома со бронза од Европското првенство.
Квалититативна гледано, Европските првенства се уште посилни поради доминацијата и квалитетот со кои располагаат селекциите од стариот континент, па затоа освоената бронза во малото финале со Исланд е и тоа како важна за Хрватите.
Сигурдсон го продолжи континуитетот со освоени медали од големите турнири и прераснува во специјалист за врвни настани, а во период кога се соочи и со мала промена на генерациите во Хрватска, успеа да изнајде решенија кои се покажаа како вистински.
– Среќен сум, се вративме дома со нов медал. Чувството е добро и мислам дека во наредните денови чувството ќе биде уште подобро. Горд сум на тимот, се боревме во тешки услови и игравме против самиот врв во Европа.
– Имаме свои добри момци. Се истакнаа Мамиќ, Шушња, но за мене игра на турнирот е Давид Мандиќ. Горд сум што го имам него и останатите момци од тимот. Тие работат повеќе од што можете да замислите, тие се срцето на тимот и горд сум што сум нивни тренер, – изјави Сигурдсон за „РТЛ“.







