Од денеска во Скопје, Куманово, Тетово и на коридорите 8 и 10 започнува системот „Безбеден град“, кој автоматски ќе ги санкционира сообраќајните прекршоци како брзо возење, минување на црвено, непрописно паркирање и управување со возило со истечена сообраќајна дозвола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера подвлече дека системот Безбеден град не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус. Тој воедно информира дека е донесен нов Правилник со кој е зголемен прагот на толеранција на брзина кон возачите во однос брзината на управување на моторно возило.
Во изминатиот период имаше огромен број на забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција која што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6 км/ч кога управувате моторно возило до 100, а над 100 тогаш 8км/ч.

Правилникот кој е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со експерти, професори, со луѓе од Министерството за енергетика и од Министерство за внатрешни работи се измени и стапи во сила во текот на вчерашниот ден, со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерски систем нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч.
Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозволено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч, а се управува возило со над 101км/ч, камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозволено 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч.
Овие толеранции се дефинирани во рамки на правилник под Министерството за енергетика и сметаме дека се апсолутно прифатливи со цел овој систем да го заживееме и да спасиме еден човечки живот повеќе, а притоа да ги увериме граѓаните дека целта не ни е автоматско санкционирање, туку помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди и поголема сообраќајна безбедност – потенцира Тошковски. Министерот во овој контекст најави и уште еден проект кој ќе се имплементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком.
За сите овие прекршоци кои се сторуваат во рамки на толеранцијата ќе се доставува информативни пораки од страна на Министерството за внатрешни работи до секој граѓанин кој ја пречекорил брзината. Целта е да се укаже дека иако нема автоматски казни во рамки на толеранцијата, се надминува законски утврдената брзина, а при евентуална несреќа може да има и кривична одговорност.
Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека „Безбеден град“ претставува една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон оние кои свесно ги кршат правилата, а не кон совесните возачи. Според нив, камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој сообраќаен прекршок се третира исто, без разлика кој е зад воланот.

Согласно законското решение за пречекорување на брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. За 20 до 30 километри на час над дозволената брзина, глобата е 45 евра. За пречекорување од 30 до 50 километри на час, казната е 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час, глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра.
За прекршокот минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.

Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола, казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. По овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола.
















