Неодамнешната бура целосно го променила изгледот на плажата во познатото црноморско летувалиште и населба во Романија – Мамаја.
Брановите, под влијание на ветерот, значително навлегле кон копното и на брегот исфрлиле неочекувана „содржина“, пренесе „Observator“.
Нереални сцени
Објавените фотографии и снимки откриваат дека плажите осамнале прекриени со огромен број школки и полжави, што изгледа нереално.
„Сите организми што живеат на морското дно и во песокот, брановите некако ги донеле“, изјавил истражувачот Разван Матеску.
Неговиот колега, биологот Виктор Нита, објаснил:
„Потоплата зима овозможи одредени видови да не останат закопани. Бурата, иако не премногу голема, но со големи бранови, исфрли живи организми во импресивни количини“.
Истражувачите откриле и некои особено интересни видови на брегот, пренесе „Observator“.
„Ги има насекаде…“
„Пронајдовме школка која е карактеристична за Азија. Станува збор за инвазивен вид“, истакнал истражувачот Адријан Билба.
За локалното население пејзажот е спектакуларен, но во исто време и непријатен — пред сè поради мирисот што се шири.
Надлежните истакнале дека огромниот број школки на плажата претставува ризик за луѓето кои доаѓаат да се капат.
„Ги има насекаде по песокот и затоа носам влечки. Првиот пат си ја исеков ногата, а поради студот дури и не почувствував“, изјавил еден странски турист.
Биолозите нагласиле дека овој необичен феномен не е знак за загадување на морето и дека нема да има негативно влијание врз животната средина.










