Ендокринолог открива: „Ова е најдобриот вид чај за контрола на шеќерот во крвта“

Точка

29/01/2026

09:47

695

Големина на фонт

а а а

Пиењето на празен стомак може да помогне во подобра апсорпција на активните соединенија, додека консумирањето со оброк може да го подобри искористувањето на одредени хранливи материи, како што е железото.

Многу од луѓето ширум светот живеат со дијагнозата - дијабетес. Загрижувачки е што голем дел од пациентите дури и не се свесни за својата дијагноза, а бројот на нови случаи се зголемува од година во година. Токму затоа превенцијата, раното откривање и разбирањето на инсулинската резистенција стануваат клучни, не само за оние на кои веќе им е дијагностициран дијабетес туку и за секој што сака да го заштити своето здравје.


„Инсулинската резистенција е состојба во која на телото му е потребен повеќе инсулин за да го постигне истиот ефект“, објаснува д-р Џенифер Ченг за „Дејли Експрес“. Д-р Џенифер Ченг е раководител на ендокринологија во Медицинскиот центар на Универзитетот Хакенсак Меридијан Џерси Шор. Инсулинот е хормон чија главна улога е да го намали нивото на гликоза во крвта и да ѝ овозможи да влезе во клетките, каде што се користи како извор на енергија.

„Кога има повеќе масно ткиво во телото, инсулинската резистенција е поголема“, додава д-р Ченг. Оваа состојба го зголемува ризикот од развој на дијабетес тип 2, дебелина, висок крвен притисок и синдром на полицистични јајници (PCOS), а доколку овие проблеми се веќе присутни, може да ги направи уште потешки за контрола.

Иако често се зборува за храна што треба да се избегнува, како што се слатки, газирани пијалаци и бел леб, постојат и такви што можат да помогнат во стабилизирањето на шеќерот во крвта. Меѓу нив сè почесто се споменува зелениот чај. Според д-р Ченг, некои истражувања сугерираат дека зелениот чај може да има корисни ефекти врз регулирањето на гликозата и намалувањето на инсулинската резистенција, иако се потребни дополнителни, пообемни истражувања.


Зелениот чај содржи активно соединение епигалокатехин-3-O-(3-O-метил) галат, кое може да влијае на таканаречените цревни транспортери на шеќер (GLUT). „Ова соединение помага во намалувањето на апсорпцијата на шеќер во цревата“, објаснува д-р Ченг. Покрај тоа, зелениот чај може да им помогне на мускулите поефикасно да ја користат гликозата од крвта, што може да придонесе за одржување на стабилни нивоа на шеќер.

Некои студии сугерираат намалување на инсулинската резистенција со мерење на индексот HOMA-IR, кој се базира на нивоата на гликоза и инсулин на гладно. Сепак, експертите предупредуваат дека досегашните резултати се мешани и дека зелениот чај не треба да се смета за замена за терапија.

Кога и колку зелен чај да се пие?

Не постои универзално „најдобро време“ за пиење зелен чај. Пиењето на празен стомак може да помогне во подобра апсорпција на активните соединенија, додека консумирањето со оброк може да го подобри искористувањето на одредени хранливи материи, како што е железото. Поважно од времето е количината. Некои студии наведуваат дека за видливи ефекти, треба да пиете четири до шест чаши зелен чај дневно, континуирано во подолг временски период.

Како правилно да се подготви зелен чај?

За зелениот чај навистина да има позитивен ефект врз шеќерот во крвта, д-р Ченг советува: изберете незасладен зелен чај, избегнувајте додавање шеќер, оставете го чајот да отстои околу три минути наместо да се вари долго време и размислете за чај од мача или чај во прав, кој може да содржи повеќе антиоксиданти.


Иако може да биде корисен додаток, зелениот чај не е замена за здравите животни навики. „Исхраната, редовното вежбање и промените во животниот стил имаат многу поголем ефект врз контролата на шеќерот во крвта“, нагласува д-р Ченг.

За превенција и подобра регулација на дијабетесот, се препорачуваат најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно, контрола на внесот на јаглехидрати, зголемување на внесот на влакна и можеби најтешкото, управување со стресот.

„Стресот го стимулира лачењето на хормони како што е кортизолот, кој може да го зголеми шеќерот во крвта“, заклучува д-р Ченг. Техники како длабоко дишење, медитација, движење и активно хоби можат да имаат големо влијание врз здравјето и шеќерот во крвта.